Холандските разузнавачки и воени структури предупредуваат на потенцијална нова закана што може да произлезе дури и по евентуалниот крај на војната во Украина. Според вицеадмирал Петер Ресинк, шеф на воената и разузнавачка служба на Холандија, Русија би можела да ги обнови своите воени капацитети побрзо отколку што се претпоставува и да биде подготвена за нов голем конфликт. Ваквата проценка ја позиционира Москва како главна безбедносна закана за Европа и покренува сериозни дилеми околу одржливоста на поствоениот мир. „Русија произведува значително повеќе артилерија, со помош на други земји, отколку што и е потребно за војната во Украина“, изјави Ресинк за Политико. Москва не само што ги надополнува своите осиромашени резерви на оружје, туку и преместува нови единици кон источните граници на НАТО – особено балтичките земји и Финска.
Русија ги зголемува своите воени капацитети
„За нас ова е јасен знак дека Русија гради капацитети за нова војна“, предупредува Ресинк. Тој додава дека Москва би можела да ја врати целосната борбена готовност во рок од една година по завршувањето на војната во Украина. „Холандија, како и другите членки на НАТО, е во фаза на зголемена борбена готовност за да биде подготвена доколку тоа навистина се случи“, нагласи Ресинк. Меѓутоа, Русија ќе може повторно да војува само ако ја задржи сегашната волја за конфликт и ако успее да го одржи сегашното ниво на воено производство.
Рекордни трошоци за одбрана
Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, Русија континуирано ги зголемува воените трошоци, кои достигнаа рекордни нивоа минатата година. Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), Русија во 2023 година потрошила дури 149 милијарди долари за одбрана, што е зголемување за 38 отсто во споредба со претходната година. Тоа е двојно повеќе од 2015 година, со 19% од целиот буџет и 7,1% од БДП.
Нови предупредувања од Европа
Предупредувањето на Ресинко доаѓа неколку месеци откако данската разузнавачка служба исто така процени дека Русија би можела да започне уште една голема војна во следните пет години. Во нивниот извештај се наведува дека Русија би била подготвена да употреби сила против некои од европските членки на НАТО, особено ако оцени дека Алијансата е воено ослабена или политички поделена. „Оваа оценка е особено точна ако Москва заклучи дека САД нема да застанат во одбрана на Европа во случај на војна“, се вели во данскиот извештај.
САД стануваат фактор на неизвесност
Вицеадмиралот Ресинк, исто така, ги гледа Соединетите Држави како сè посериозна закана за безбедноста на Европа, особено поради влијанието што претседателот Доналд Трамп го има врз американските разузнавачки служби. „Европа можеби ќе треба да ја преиспита соработката со американските безбедносни агенции“, рече Ресинк. „Внимателно ги мериме обемот и интензитетот на соработката и може да се случи да го промениме начинот на соработка со САД“, заклучи тој.