Се случува трагедија, не се работи професионално и одговорно на истрагата, нема расчистување на случај, се остава да падне во заборав, потоа се случува друга трагедија, пак исто, незаинтересирани институции, неодоговрност, натрупани нерешени случаи, и на крај доаѓа пожарот во Кочани. Изненаден ли е некој? Ние не сме! Една трагедија за која не се откриле и казниле соодветно злосторниците води во друга, и затоа станавме земја во која обичниот човек не се чувствува безбедно, за ,,Фокус” раскажуваат родителите на Марина Арсова од Кочани, која е исчезната речиси десет години, односно од 29-ти декември 2015 година. Тие неуморно бараат одговори за судбината на нивната ќерка за сето ова време, а она кое посебно ги загрижило сега, во овој период, е што инспектори, односно началници кои работеле на нејзиниот случај завршиле во притвор поради пожарот во таканареченото кабаре Пулс во Кочани. Велат дека не знаат каде да се обратат, немаат информација кој сега ќе го води и дали воопшто ќе се води нивниот случај кој се уште не е решен, и бараат од Министерството за внатрешни работи да именува нови инспектори кои професионално ќе се посветат на потрагата по нивната ќерка.
-Нашата агонија трае со години! Како може да не се реши случајот кога млада жена и мајка исчезнува од својот дом без трага, како може постојано да се менуваат инспектори, началници, па дури и обвинители кои работеле на случајот, како може да знаеме дека оние, новите кои доаѓаат, ќе се посветат на нашиот случај, ќе го проучат комплетно, дека ќе нема пропусти во нивната истрага? Еден од сега приведените е поранешниот началник од Штип, Боби Гидиоски. Тој работеше на случајот со Марина. И други службени лица кои се приведени беа во тек со случајот, па не интересира, оние кои сега дошле на нивните работни позиции, дали ќе продолжат да ја бараат нашата ќерка? Никој не ни се јавил, со никого не сме разговарале, а сакаме да знаеме кој е надлежен за нашиот случај. Бараме новите инспекторски кадри да не контактираат, бараме ажурност, сакаме да бидеме во тек со настаните и со истрагата, ако воопшто се води истрага. Толку многу луѓе до сега се сменија, никој не покажа напредок, никој не откри ништо. Таа е наше дете и ние не можеме да се помириме со тоа дека едноставно ја снемало, ја бараме вистината, низ солзи раскажуваат родителите, Ленче и Николчо Цветкови и апелираат истрагата да се обнови од страна на новите кадри. Марина, која е мајка на две девојчиња, од кои сега едното е полнолетно, исчезна од својот дом во Штип. Сопругот забележал дека ја нема вечерта, кога се вратил од селото каде одгледувал стока, а дури наредниот ден го пријавил исчезнувањето во полиција. Потрагата по неа започнала по 48 часа, бидејќи се работело за возрасна жена, која во тој период имала 32 години. Еден месец по исчезнувањето пак, се самоуби свекорот на Марина со што се продлабочи мистеријата околу случајот. Официјално, до денес, нема трага од младата жена и таа се води како исчезнато лице.
-Ниту самиот не знам колку пати сум бил во полициската станица во Штип. Јас ги прашувам инспекторите дали има новости, истовремено и тие мене ме прашуваат да не сум дознал нешто ново. На крај, веќе почнав да им пречам, па дури бев и бркан од таму, бидејќи барав одговори за мојата ќерка. Немаше сериозен пристап кон случајот, иако појаснувавме дека нашата ќерка никогаш по сопствена воља не би заминала и не би ја оставила ќерката која во тоа време беше доста мала. Сега сум во пензија, здравјето ми е нарушено, немам веќе сили да одам во станици, затоа барам надлежните да ме контактираат, да бидеме во тек што се работи и дали воопшто нешто се работи околу пронаоѓањето на Марина. Имаме право да знаеме што се случило со неа, дали е жива, дали е почината, дали можеби е жртва на трговија со луѓе! Ние не можеме да се смириме додека не ја дознаеме вистината, животот ни е како лош сон од кој никако да се разбудиме. Имавме многу немили случки додека гледавме со каква неодговорност ни пристапуваа надлежни службеници, првата година кога Марина исчезна доживеавме дури и полициски началник да не праќа во Велес, да одиме кај некој видовит човек, тој да ни помогнел. Каде го има тоа? –прашува таткото. Додава дека од изјавите на сегашната власт, дека конечно системот ќе започнел да функционира, имал надеж дека можеби и на нивниот случај ќе му се посветело внимание и ќе бил изваден од фиока. Но, како што вели, кога гледал дека помеѓу надлежните службеници имало и лица кои со години не оствариле напредок во истрагата за нивниот случај, се прашувал како тие, истите кадри ќе можат да се носат и со новите случаи.
-Помеѓу обвинителите кои излегуваа за случајот со пожарот во Кочани има лица кои долги години се на функција, ама ние како родители на Марина, во нашиот случај, од нив не видовме никаков успех во работата, ништо не можеа да откријат. Па се прашувам, кога за едно дете, за еден случај не направија ништо, ќе можат ли сега, за овие 61 лице, загинати во пожарот, да се изборат за правда? Имаат ли капацитет, имаат ли интерес да работат правично, како што треба, имаат ли емпатија за семејствата на жртвите, бидејќи ние како семејство, не наидовме на емпатија и на посветеност за нашата ќерка. Фактот што уште ништо не се знае за нејзината судбина, зборува доволно дека имало пропусти во истрагата. Ако се работело професионално, може ли да не се открие ништо за сите овие години?- прашува таткото. Додава дека тој и мајката на Марина нема да можат да си го најдат мирот се додека не дознаат што се случило со нивната ќерка. Уште еднаш, заедно со неговата сопруга Ленче, апелираат до Министерството за внатршени работи, да ја обноват истрагата, и да не дозволат нивната ќерка да падне во заборав од институциите. Молат да бидат контактирани од новите инспекторски кадри, во надеж дека нивната борба за одговори ќе се помести од мртва точка по скоро една деценија.
Вики Клинчарова