Сè уште нема трага од 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино, кој исчезна на 30 јануари годинава среде бел ден. Повеќе од три месеци неговото семејство живее во неизвесност, а интересот на јавноста за случајот сè повеќе се намалува. Апелите за помош и објавите со неговата фотографија, кои на почетокот беа чести, сега речиси и да ги нема. Миле на денот на исчезнувањето тргнал на работа во фирмата „Метал Апостолов“ во Кавадарци, каде му соопштил на газдата дека дава отказ. Потоа пеш се упатил кон Неготино, а последен пат бил виден на патот меѓу двете места, во близина на селото Марена, потврдуваат снимки од надзорни камери и сведоштва.
И покрај обемните потраги со стручни тимови, доброволци, кучиња трагачи, дронови и хеликоптери, досега нема никакви траги. Единствено бил пронајден неговиот мобилен телефон покрај реката Луда Мара. Семејството тврди дека Миле имал планови – работел дополнително како лимар и имал договорено судење на спортски натпревар. Без телефон, без пасош и без пари кај себе, јавноста се прашува каде би можел да замине. Од страна на надлежните институции, нови детали за случајот нема. На страницата за исчезнати лица при МВР и понатаму стојат неговите податоци и фотографија, а во малото Неготино, каде сите се познаваат, мистеријата околу неговото исчезнување останува нерешена. Во градот сè уште не е разрешен ниту случајот со исчезнувањето на 79-годишниот Коце Панов, кој се води како исчезнат од ноември 2022 година. Во тој случај, едно лице беше приведено, но подоцна ослободено, а сè уште нема одговор што точно се случило со него.