Владата во текот на следната недела ќе донесе одлука со која одморалиштето Пониква, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, ќе се стави на располагање на Министерството за здравство, за да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација, информира денеска владината портпаролка Марија Митева.Таа истакна дека одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија.
-Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување – рече Митева.
Појасни дека во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.
-Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите – кажа Митева.Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект, потенцира портпаролката и додава дека „овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба“.
-Според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување – рече Митева.