На вчерашниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“, гостуваше градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески. Тој говореше за лошиот менаџмент и нефункционалниот систем кој што го наследиле во Општина Аеродром, но со макотрпна работа сликата е сменета во општината „Незаинтересираноста на претходниците за водење на институциите согласно потребите на граѓаните, да доведат до таква состојба и заради тоа беа казнети на изборите од страна на граѓаните и тоа треба да им биде една поука дека во иднина кога ќе преземат власт да не ја практикуваат власта заради власт, туку да ја практикуваат во интерес на граѓаните“, порача Митески. Градоначалникот на општина Аеродром говореше и за проектите кои ги имаат сработено изминатиов период, заедно со неговиот претходник, Тимчо Муцунски. Тој потенцираше дека најголем влог е направен во најмладите и објектите наменети за воспитно образовниот процес на децата.
„Пуштивме во употреба нова детска градинка „Срничка“, а почнавме и со изградба на нова детска градинка и тоа е еден од приоритетите на Општина Аеродром, зголемување на капацитетите во детските градинки. Започнавме доградба на училиште, кое ќе биде надоградено со 18 кабинети, скоро како ново училиште. Тоа се големи капитални инвестиции, кои се финансирани од Буџетот на Општина Аеродром и со поддршка на Владата. Воведовме еден нов проект, доделување на таблети за сите од четврто одделение’’, изјави Митески во однос на влогот за најмладите.
Митески рече дека оваа година ќе биде година на нови објекти и нови инвестиции во општината. Тој ги напомена проектите како нов плоштад позади Капитол, реконструкција на постоечки улици, реконструкција на водоводни мрежи, нова спортска сала во Долно Лисиче, проширување на училишта и нови и реконструирани градинки.
„ Отпочнуваме со нова, трета детска градинка, со капацитет од 400 дечиња и она што особено ме прави горд веќе завршивме со проектирање и наскоро ќе аплицираме во Владата за поддршка за обезбедување на финансиски средства, еден нов мултимедијален центар за прв пат во Аеродром’’, најави Митески и додаде. „За жал во Аеродром, изминатиов период многу се градеше, меѓутоа многу малку е посветено во однос на развој на секундарна инфраструктура, како што се училишта и градинки. Примарната инфраструктура во однос на улици, водоводи, канализација е направена, меѓутоа скоро и никој да не посветувал внимание до овој мандат на развој на градинките и училиштата. А тоа е и те како битно, ако сакаме да имаме нови жители, доколку сакаме да имаме подобри услови за живот, мораме да обезбедиме на тие луѓе, места во училиштата и градинките’’. Митески ја поздрави одлуката на Владата за поддршка на општините и направи разлика од минатата помош на власта и оваа сега.
„Претходната Влада делела средства на општините кои се блокирани и на тој начин ги наградувала оние кои што работеле недомаќински. Ги мотивирала да продолжат да работат недомаќински и слушавме примери како на општини кои што наплаќаат 0 денари данок на имот, Владата им помага за раздолжување. Тоа значи дека општините не си ја завршиле домашната работа, не ги прибрале средствата кои што треба да ги приберат, и згора на тоа Владата уште ги стимулира им дава финансиски средства’’, заклучи Митески.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ