– Општина Крива Паланка нема долгови, туку нарачки за реализација на проекти или ануитети за исплата на веќе реализирани проекти, од сопствени средства и без задолжување, е одговорот на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски на прес-конференијата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната седница на Совет на Општина Крива Паланка, на која беше усвоен кварталниот извештај за реализација на општинскиот буџет.
Митовски рече дека мачно е да се гледа трагедијата на ВМРО-ДПМНЕ додека се обидуваат да фрлат дамка на неговото работење.
-Задолжувањето го оставаме на ВМРО-ДПМНЕ кои за 11 месеци ја задолжија цела Македонија до неверојатни 7 милијарди евра. Проектите што се реализирани во изминатите 3.5 години во рамки на мојот мандат зборуваат сами за тоа колку многу е сработено, во сите области: за локална патна мрежа вложени се над 5 милиони евра, за водоводи и канализации над 2.5 милиони евра, инвестиции во образовна инфраструктура, спорт, социјална и детска заштита, субвенции и поддршка на млади, капитални проекти, што јасно се гледа и граѓаните и целата јавност можат да ги видат. Сите проекти се реализирани во овој мандат, од сопствени пари, без задолжувања. Апелирам, од ВМРО-ДПМНЕ пред да коментираат, добро да се подготват и да научат како се читаат податоци од буџет, додаде Митовски.
По 53-та седница на Советот на Општина Крива Паланка советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференија обвини дека според најновиот квартален извештај, долговите на општината растат, а општината има долг од 47 милиони денари ненамирени обврски.