– Крива Паланка е една од општините која претрпе најголема трансформација во последните години, а тоа е резултат на работата на градоначалникот Сашко Митовски и денес му ја честитам кандидатурата за уште еден мандат, а јас сум сигурен и победата, истакна Филипче.Градоначалникот Митовски претходно нагласи дека Крива Паланка се претвора во модерен и европски град, еден од најзелените и најчистите градови во Македонија.
-Крива Паланка е пример како се води град, како се слушаат граѓаните и како се создава модерна, развиена и европска општина. Во изминатите 3,5 години, во градот се реконструирани над 50 улици, изградени се нови водоводи и канализации, како и 12 нови детски катчиња, со план за уште 5. Уредени се јавни површини, мостови, пешачки патеки, речни корита, а целосно е променет ликот на градскиот кеј. Крива Паланка денес има нов Генерален урбанистички план по речиси 40 години, и првпат функционален модел за долгорочен развој – рече Митовски.Порача дека со 100% реализација на општинскиот буџет, креиран во консултација со граѓаните, секој денар е вложен таму каде што е најпотребно.
– Вложено е во градинки, училишта, спортска инфраструктура, како и во социјална заштита – од директна поддршка за семејства во социјален ризик, до воведување на ваучери за гардероба на лица со попреченост. Отворен е и прв дневен центар за стари лица, а општината финансира и бесплатни летувања за деца од социјално загрозени семејства, додаде Митовски.
Најави и реализација на низа капитални проекти: реконструкција на главната улица, нова монтажна катна гаража со 166 паркинг места, зонско паркирање, продолжување на патот до Калин Камен и нови хотелски инвестиции.Посебен акцент стави на инфраструктурните проекти од регионално значење.
– Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, вреден 93,7 милиони евра, е најголемата инвестиција во овој регион, заедно со рехабилитираните патишта до Деве Баир, Црцорија, Узем и Луке, со вкупна вредност од над 120 милиони евра. Ова не се проекти за поединци. Ова се инвестиции за граѓаните. Ова е нашето заедничко дело. А сега следува одлука, рече Митовски.
Градоначалникот посочи дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила Крива Паланка, а напорите за развој продолжуваат исклучиво благодарение на општинската визија и поддршката од претходната влада. Затоа, повика на мобилизација, без поделби и суети.
-Крива Паланка нема право на нова грешка. Сега не е време за експерименти. Сега е време за заштита на сè што сме изградиле и за силен нов чекор напред. Да го направиме вистинскиот избор – избор за труд, за иднина, за достоинство. Да не чекаме – туку уште вечерва, сплотени и обединети, да се вградиме во процесот што ќе значи убедлива победа. Победа што нема да биде ничија лична – туку победа на секој еден граѓанин што верува во правда, во работа и во иднина – заврши Митовски.На трибината говореше и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски, кој рече дека слободата и победата ќе тргнат од Крива Паланка.
– Од Крива Паланка пак ќе тргне победата, како што во 2010 година освоивме резултат десет пати подобар од претходните избори, повторно од Крива Паланка ќе тргне и ќе се исправи грешката направена на осми мај и сигурен сум дека тоа ќе се случи и на локалните и на следните парламентарни избори, нагласи Николовски.Пратеникот истакна дека ЕУ е клучна прогресивна идеја на денешницата и единствен пат кој ќе значи современа, прогресивна држава со систем кој функционира.
– Од прв ден сите ние се бориме за слобода и заедно со исто многу од вас, знаете кои процеси ги поминавме, бомби, плоштади, маршови и немаше друг начин да ги вратиме слободата и демократијата. Се боревме и ќе продолжиме да се бориме за членството во Европската унија, што е најпрогресивниот процес во денешно време. ЕУ е местото кадешто треба да бидеме и ние како СДСМ имаме јасен став, ние сме предводници на тој процес, ние го водевме тој процес и стигнавме пред портите на ЕУ. Тоа е единствениот пат да обезбедиме иднина на младите тука, во Крива Паланка и во секоја општина. Потребна ни е ЕУ за да изградиме ситем, еве сега зборуваат дека „ќе градиме систем без ЕУ, само што не сме изградиле подобар систем“, ама се случи Кочани и еве нема ниту помош, ниту поддршка од државата. Јас сум убеден дека без системот на преговори со ЕУ ние никогаш нема ништо да промениме, а бидејќи тие не тргаат по тој процес, може да замислите каква Македонија можеме да имаме ние со нив за 5 или 10 години, рече Николовски.
Нагласи дека сите процеси, членството во НАТО, првата меѓувладина конференција, отворањето на скрининг-процесот, меѓуетнички соживот, сите значајни одлуки ги донесе СДСМ. Затоа СДСМ е државотворна партија.На денешниот караван за предизвиците за создавање на државата и партијата зборуваше професорот и ветеран на СДСМ, Јордан Михајловски, кој истакна дека Крива Паланка дала значаен придонес во оформувањето на државата.
-Крива Паланка има голем влог во социјалдемократијата и во втемелувањето на новата македонска држава. Ние од Крива Паланка имаме дадено 284 жртви во текот на Втората светска војна. Борис Арсов е еден од нив, покрај учеството во Втората светска војна е кооптиран во АСНОМ, избран е за заменик-повереник за здравство, после војната е професор на Правниот факултет, рече Михајловски, истакнувајќи дека социјалдемократијата е извор на слободарски идеи, с слободата е најважна, за размислување со слободна волја, беа авторитети, солидарноста која е оаза што не дозволува да завладее злото се главните идеи на социјалдемократијата, рече професорот.