Во Собранието се прави политиканство на тема болна за целиот македонски народ. Бараат точката за Кочани да биде прва точка, на која се сложивме и гласаме дневен ред на седницата, на која што Левица, Социјалдемократскиот сојуз како подносител на таа точка и дел од ДУИ гласаат против дневниот ред за одржување на оваа седница на која што точката за Кочани треба да биде прва точка на дневен ред. Односно, 67 пратеници гласаат За точката а 16 пратеници, помеѓу кои, носителите на целите овие протести и она што се случува во Македонија, СДСМ и Левица, поддржани од неформалниот коалиционен партнер ДУИ гласаат против. Ете тоа ние е политиканството во нашата држава, почитуван македонски народе, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната собраниска седница.
Мицевски и претходно им посочи на опозициските пратеници дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но и сите пратеници на парламентарното мнозинство поддржуваат и ќе гласаат точката за Кочани да биде прва точка на дневен ред, но според деловникот тој е закон кој прво треба да биде поднесен во собраниската Комисијата за труд и социјала, на која опозицијата нема предложено претседател.Исто така, Мицевски замоли да се прекине со политиканството и со лешинарството на темата Кочани и сето ова што го правите пратениците здружени во оваа опозиција, затоа што Владата од почетокот на трагедијата ги презеде сите потребни мерки и активности и уште презема се што е потребно.
„И ќе ве замолам да не правите политиканство на грбот на граѓаните на оваа тажна и болна тема. Имено, Владата ги кажа своите мерки, кажа дека ќе се прават дополнителни напори по однос на помагањето на луѓето, отворена е телефонска линија на која што до сега 107 од повредените се пријавија, се направија напори одморалиштето во Пониква да биде рехабилитационен центар и место каде што ќе можат повредените да се згрижуваат и третираат на секаков начин. И ве молам прекинете со политиканството и со лешинарството на темата Кочани и сето ова што го правите вие, здружени во оваа опозиција. И да, ќе добиете можност оваа точка да биде прва на дневен ред, за да видат граѓаните дека ги лажете и дека таа комисија не може во моментов да се одржи“, истакна Мицевски.
Обраќајќи му се на Оливер Спасовски, Мицевски потсети и на времето од претходниот парламентарен состав, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесува барања за информации од јавен карактер за пожарот во модуларната болница во Тетово, пратениците на Социјалдемократскиот сојуз кворум не правеа, а тој беше министер за внатрешни работи и најмалку што можеше да направи, да поднесе кривични пријави за одредени луѓе, наместо кабелот да е крив.
„Употребив благ збор политиканство, затоа што седум министри од претходните две влади има во вашите редови. Јас не видов вака вие да се боревте з граѓаните од модуларните болници, од Беса транс, од Ласкарци. Кривична пријава не поднесовте, за сега вака да барате нешто за Кочани не биле исплатени пари? Па кај имало ваква брза и ургентна реакција на државата по однос на сите работи и уште дополнително ќе долевате масло на огнот, сега ние поднесуваме закон. Не се секирајте, владата постапува од првиот ден на оваа трагична несреќа која се случи во државата, сочувствуваме со сите и ќе бидат најдени решенија и модели. Ама Оливер Спасовски и колегите министри од претходната влада којшто седат тука да ни кажуваат како треба да реагира оваа влада и дека не реагира, се извинувам ама не знам кој збор да го употребам а да не ве навредам“, рече Мицевски.