Во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група”, гостуваше пратеникот Јане Мицевски кој дискутираше за ефектите предизвикани од законите што се носат во Собранието, за Законот за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, а со оглед на тоа што како пратеник е дел од Комисијата за локална самоуправа и активен член во Комисијата за финансирање и буџет наведе дека носењето на закони е еден бенефит за сите граѓани во Република Македонија. Пратеникот најпрво ги истакна позитивните ефекти од носењето на Законот за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, наведувајќи дека единиците на локалната самоуправа имаат можност да ја унапредат својата инфраструктура и на тој начин директно да влијаат во подобрување на квалитетот на живот на своите сограѓани.
„Ефектот од овој закон, носењето на овој закон, имплементацијата на овој закон би го поделил во две рамки во две фази. Едната е директна финансиска инекција за локалната самоуправа и директно помагање на граѓаните кои живеат во овие општини, преку изградба на патна инфраструктура, подобрени здравствени услуги. Сведоци сме на реконструкција на амбуланти, здравствени домови, директна помош во образованието, проширување, реконструкција на училишта, директна помош на детската заштита преку изградба на нови детски градинки, реконструкција на постоечки, доградба на постоечки детски градинки, подобрување на животната средина преку изградба на водоводни и канализациони мрежи. Тука не ги исклучувам и младите, изградба на спортски сали и спортски терени“, вели Мицевски.
Во поткастот пратеникот Мицевски посочи дека имплементацијата на законот е од суштинско значење за граѓаните во државата, со тоа што веќе се започнати многу проекти кои ги стимулираат општините и градоначалниците, кои ќе придонесат Македонија да биде едно мало градилиште, со големо влијание врз стопанството и градење на здрава економија.
„Тоа значи брза имплементација на овој закон, и пак ќе повторам луѓето, односно граѓаните, жителите од онаму кај што доаѓаат ќе можат директно и брзо да ги видат ефектите од носењето на овој закон. И другата работа што сакам да ја посочам е дека ефектите од носењето на овој закон се имплементираат и во економијата, односно во стопанството, во реалниот сектор. Ако за да ние во првиот повик реализираме 280 проекти и велиме дека во вториот повик очекуваме да имаме преку 800 проекти кои ќе се реализираат, тоа значи дека стотици директни изведувачи или подизведувачи ќе треба да работат на овој проект, тоа се претежно домашни компании. Така да, го стимулираме развојот на стопанството, тоа значи реално а не вештачки стимулирање и на платите во реалниот сектор и тоа ќе значи ликвидност и можност за развој на стопанството во Република Македонија“, рече Мицевски.
Тој исто така истакна дека носењето на законот е со една единствена цел, за сите во државата без поделба, за развој на локалните самоуправи, образложувајќи ги и чекорите кои се направени при носењето на законот, за целокупната собраниска процедура, притоа ставајќи акцент на ефектите од носењето на законот и моменталната ситуација за тоа колку проекти се планирани да се реализираат со вториот јавен повик за финансиска поддршка на општините во Република Македонија.
„Во моментов во тек е вториот повик во рамки на овој проект, првиот помина, може да се каже, успешно. Успешноста се докажува со фактот дека се потпишани преку 280 проекти за реализација на проекти во сите општини во Република Македонија. Општините потребно е да имаат целосна, целокупна изработена проектна документација, дозвола за градба, ревидиран проект и се што е потребно за да овој проект се реализира. Аплицираа до Министерството за локална самоуправа, се разгледува, сите оние што ги исполнуваат условите според формулата добро позната, одредена сума по глава на жител од последниот попис добиваат вредност на проекти за кои потпишуваа договор. Како што напомнав, во првата фаза од овој повик потпишани се преку 280 проекти за кои дел се веќе во фаза на реализација. Мојата информација е дека во моментот преку 50 проекти во државата активно се работат. Тоа значи дека 280 градилишта имаме во моментов во државата, што ако се гледа во вториот повик каде што веќе имаме 250 милиони евра, некаде очекуваме плус минус, 800 градилишта би имале во периодот што следи од кога, нели, ќе се потпишат новите договори со локалните самоуправи“, вели Мицевски.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ