Кога зборуваме за НАТО не заборавајте дека мојата држава за да стане член на НАТО, го промени името. Кога се зборува за откажувања и за двојни стандарди не треба да заборавиме на ова, рече меѓу другото премиерот на Македонија Христијан Мицкоски на панел-дискусијата „геостратегија и енергетска сигурност“ во рамките на Минхенската безбедносна конференција, додавајќи дека „воопшто не е изненаден од одредени промени на ветриштата кои дуваат“.
-Нашата посветеност за НАТО не може да се доведе во прашање, со многу страдање и понижувања станавме членка на НАТО, рече тој, посочувајќи дека „кога се говори за двојни стандарди во политиката треба да се има предвид македонското прашање зашто две децении кандидатскиот статус не може да се претвори во членство заради вештачки прашања што се отвораат“.
Мицкоски посочи и дека „не е изненаден од последните најави на американската администрација“
Ги слушнав гласините во Минхен, за мешање во внатрешните прашања, но кога го менувавме нашето знаме, кога ја менувавме валутата или кога го менувавме нашето уставно име, што беше тоа? Не ли беше тоа мешање во внатрешните работи и зошто тогаш никој гласно не говореше? Дури и сега се соочуваме со барање за менување на уставот пак, доколку сакаме да почнеме преговори со ЕУ. Што е тоа? Зарем не е тоа мешање во внатрешните работи?, праша Мицкоски.
Премиерот истакна дека „ние сме дел од Европа и сакаме да ги аплицираме европските вредности“.
-Но она што се случува е нешто што е комплетно различно. Ние сме сведоци на „балканизација на Европа“, наместо „европеизација на Балканот“. Некои балкански земји членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел, наместо да е обратно. Вие рековте дека Русија го негира украинскиот идентитет, јазик, црква, ужасна инвазија која беше многу погрешна во 21 век, но во исто време парламентот на една од најмладите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик кој е официјален јазик на ОН од 1945 и е меѓународно кодифициран од 1977, тогаш за што зборуваме? Зошто сите молчат тогаш, рече Мицкоски.