Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како тече изградбата на автопатиштата во државата и до каде е патот Прилеп-Битола, изјави:
„Што се однесува до автопатот Прилеп-Битола, можам да кажам дека до крајот на овој месец повеќе од 85% од трасата ќе биде, од аспект на имотно-правни односи, завршена и од аспект на истраги коишто се поврзани со пронаоѓање на експлозивни направи, исто така испитана и завршена, но она коешто за мене е важно, е дека се следи тој рок, се забрза, за разлика од состојбата од пред една година кога беше до никаде, сега можам да кажам дека веќе, последното коешто го разговаравме со изведувачите е дека дваесетина километри фронт е отворен и се работи. И мислам дека тука ќе биде испочитуван, би рекол, оној рок којшто е дел од договорот.
Што се однесува до влезот, морам објективно да кажам дека и покрај сето она што го прави општината, за жал, не сум задоволен од динамиката на изведување на работите. И ова е порака пред сè до изведувачот, затоа што имаме уште 7-8 месеци до рокот, а не е ни триесетина проценти од тоа што е договорено, завршено. И очекувам да се забрза таа динамика и да се испочитува рокот, бидејќи тоа предизвикува, нормално непријатно чувство и фрустрација кај битолчани, наместо еден проект којшто е децениски ненаправен досега, да сите заедно се радуваме кога се гради и да се гради во рамките на динамиката. Тоа што можев да го видам, не соодветствува со тоа коешто треба да биде динамика и лично ќе го следам развојот на овој проект.“
Премиерот Мицкоски во однос на тоа каков е интензитетот на изградба на другите патишта во државата, додаде:
„Имаме 4 автопатишта коишто се градат во вкупна должина од 150 километри, Кичево-Охрид, Гостивар-Букојчани, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола и еден експресен пат Прилеп-Градско, делницата Фариш-Дреново. Ќе се обидам сега вака за сите да дадам една ретроспектива.
Во делот Кичево-Охрид, очекувам на почетокот на јули, ќе доцниме од она што го кажавме, негде околу две недели, што го кажавме пред една година. Можеби и порано можевме десетина дена да го завршиме, но исто така таму лично и министерот, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта се секој ден на терен, за да ја стигнеме динамиката, некаде до 10 јули да биде пуштена делницата од Врбјани до Охрид. Со исклучок на делот кај Ботун, тие 4-5 километри каде што имаме свлечиште, коешто свлечиште треба да се санира. Значи негде околу четириесетина километри ќе бидат ставени во функција. Исто така, тука имаме доцнење во делот на проектирањето на оние свлечишта коишто треба да се санираат, но мислам дека успеавме да ги мотивираме компаниите да го фатат рокот и целосно да го пуштиме тој пат до крајот на 26-та, почетокот на 27-ма. Знаете дека беше до никаде.
Што се однесува до вториот автопат којшто го споменав, а тоа е Гостивар-Букојчани, тука веќе имаме поголем фронт отворен. И ги гледате оние носачи, кога ќе се движите од Гостивар спрема Стража, дека се веќе готови. Трасата е пробиена во најголема мера и тука работите одат во една солидна динамика. Имаше една објективна пречка, а тоа се некои локалитети со наоѓалишта од античко време и тоа се надмина, се реши.Така што очекувам и тука да имаме исклучително голема реализација. Инаку првите 4 месеци реализација на автопатиштата, споредбено со минатата година е 4 пати поголема. А очекувам да биде 8 пати поголема во вториот и во третиот квартал. Во фаза на претквалификација е Букојчани-Кичево и тука го задвиживме процесот.
Тетово-Гостивар исто така е отворен поголем фронт, некои десетина до петнаесет километра и имотно-правно, и трасирана е трасата.
За Битола-Прилеп кажав, а што се однесува до експресниот пат Градско-Прилеп, односно делот Дреново-Фариш, карпата којашто надвиснуваше и којашто претставуваше опасност, е веќе решена. Се расчистува патот и очекувам до крајов на месецот да биде пуштена и таа секција. Бидејќи знаете, таа беше малтене планината пукната и надвисната, покриен беше 70% од делницата и ако не се решеше тоа постоеше опасност со време и да имаме, не дај Боже, човечки жртви. Така што и тоа е завршено, решено е. Очекувам до крајов на месецов и тоа да се пушти.
Да потсетиме дека во општините со проектите од првиот и од вториот повик, ќе имаме нови 1200 градилишта. Кога сето ова ќе се спореди со онаа летаргија којашто изминативе години функционираше по принципот битно е да крадеме, не да градиме. Тогаш мислам дека се чувствува разликата и поместувањето во позитивна насока.“