Премиерот Христијан Мицкоски ги пренасочува прашањата за трагедија во Кочани, поставени до него, кон Јавното обвинителство кое ја води истрагата и кон актуелните функционери и директори на институции. Според него, за одговор на прашањето дали меѓу осомниченоте за трагедијата во наредниот период ќе има и актуелни функционери од владејачката политичка структура, тој упатува кон Обвинителството, а за евентуални оставки од актуелните функционери од полицијата или директори на други институции, упатува прашањата да им се постават нив. – Истрагата ја води Јавното обвинителство и тоа прашање можеби треба да го упатите до ЈО – рече Мицкоски на прашањето дали постои вистинска, а не само декларативна волја да се води истрагата без било какви влијанија односно во наредниов период меѓу тие што се осомничени евентуално да видиме и актуелни функционери кои се дел од вашата политичка структура.
-Ако цените дека јас треба да поднесам оставка од морални причини нема проблем тоа да го сторам. Ако мислите за други тогаш прашајте ги тие за кои цените – рече Мицкоски на прашање дали некој од актуелните функционери од полиција и други институции се спремни да поднесат оставки од морални причини. Додека за случајот за Кочани ги пренасочува прашањата, за претходните три трагедии пак, „Дурмо турс“, „Беса транс“ и Модуларната болница тој е дециден дека постои политичка волја да се даде поддршка да се расчистат овие три случаи. -Кога веќе зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба сите оние случаи коишто во минатото беа набрзина завршени или заташкани, да ги разгледаме од повторно. Да ги разгледаме да видиме како е стигнато до таа правда. Досега барем во дел од случаевите се произнел само Основниот суд, завршени се во прв степен, во втор степен не се завршени така што ако вистински сакаме ресет тогаш ќе треба тој вистински ресет да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и во тие случаи. И во случајот Ласкарци и во „Беса транс“, Модуларна. Да видиме како е и дали е постапувано. Како е направен тендерот зошто е така направен итн. Затоа што тие случаи кога се случија имаше нула приведени, а случајот во Кочани има 34 приведени и голем број поранешни сегашни официјални лица се повикани од страна на обвинителството преку МВР на информативен разговор – рече Мицкоски. Во трагедијата во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а минатата уште едно лице им подлегна на повредите, а осомничени се 34 лица и три правни лица.