Идентитетот ви е вашето тавче – гравче, полнетите пиперки и пинџурот и тоа никој не може да ви го одземе, рече денеска комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски на Лидерскиот самит ЕУ – Зпаден Балкан.Таа ова го кажа одговарајќи на прашање поврзано со заканите по македонскиот идентитет кои доаѓаат од бугарска страна
„Идентитетот не може, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитетот е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки. Како на пример ги одржуваме традиционалните носии. Какви односи градиме со постарите во земјата Каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик и никој не може ова да ви го одземе на вас Македонците.“ – рече Кос.
Премиерот Мицкоски не се согласи со неа. Рече дека идентитот не е само прекрасната македонска храна туку тој е и Гоце Делчев додавајќи дека Македонија во изминатите децении изгуби многу од својот идентитет потсетувајќи дека менувавме и знаме и име. Претседателот на Владата истакнa дека е повнимателен кога станува збор за идентитетот на Македонија.
-Тоа е така дека го носиме длабоко во нас, но морам да признаам дека овие три децении изгубивме голем дел од нашиот идентитет, менувајќи знаме, име и неколку пати Устав и во услови кога немаме гаранции дека ова ќе биде последна идентитетска остапка што треба да ја направиме, би бил многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата „не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават“. Тоа што го направија и се уште прават дел од бугарските европратеници нема никаква врска со европските вредности. За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Илинденското востание, браќата Миладиновци итн. Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои што се дел од македонскиот идентитет, рече премиерот на заедничката прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос.