Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без ниту една освоена општина. Тоа за мене потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност што значи дека мора да се има отчетност, да не се заборават вредностите кои ги имаме и ветивме на народот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски во обраќањето на годишната Конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски клучно е да се продолжи да се работи со несмалено темпо и постојано. Тој воедно упати и порака до функционерите.
„Обврската која ја добивме од граѓаните пред сè значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката, туку и според начинот на кој се однесуваме во секојдневието. Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од Владата кон секој еден народен денар со кој управуваме“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека никој не смее да го разочара народот.
„Не смееме да го разочараме народот кој во нас гледа надеж, за промени и враќање на сонот за Македонија која има иднина, затоа што ветивме работа и знам колку посветуваме внимание и го слушаме народот и знам дека мора да правиме разлика од се она што беше порано. Не смее во ниту еден момент да се заборави на народот, мора да останете сервис и на услуга на народот постојано, и само така ќе бидете гордост и на базата на партијата, и на сите кои трчале, макотрпно работеле да бидеме она што сме сега, убедливо најголемата политичка сила во Македонија. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Мицкоски.