Премиерот Христијан Мицкоски вели дека наскоро ќе заврши војната во Украина, а ако греши, рече дека ќе се извини. Тој даде објаснување за гласањето во Њујорк во ОН за резолуциите за Украина.
„Се одржаа средби прво во Ријад, потоа во Вашингтон. И на крајот повторно ќе имаме една иста резолуција којашто сите ќе ја поддржат, а ние сме ко-спонзори. Еве видете што ќе се случи за неколку месеци. Ако грешам, ќе се извинам. Ама ако излезе така како што велам, тогаш Филипче нека излезе на нова прес-конференција и тој нека се извини. Мислам дека треба да го поздравите потегот на Владата и во иднина ако имате било какви дилеми и ако мислите дека нешто не ви е јасно, тогаш ви стоиме на располагање да ви разјасниме. Мојот телефон го имате, а ако го немате, лесно ќе го најдете. Дојдете, ќе поразговараме во секое време. Сега не се моменти кога треба да ја поларизираме состојбата кај нас, туку сега треба да се обединиме околу националниот интерес“, вели Мицкоски. Франција е изненадена од тоа како гласаше Македонија. Во однос на фактот што Македонија не гласаше за Резолуцијата чиј спонзор беше Франција, коментар имаше и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф ле Риголер.
Претходно од Министерството за надворешни работи(МНР) соопштија дека при носењето одлука да се поддржи Резолуцијата на САД, а не онаа на Украина и ЕУ, се воделе од темелна анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења и не треба да се толкуваат како промена на позициите. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари 2022 година.