По вчерашнaта одлука за мерка притвор од 30 дена за вистинскиот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, кој е поврзан со трагедијата во Кочани, прашан какви конекции има Нацев со партиските структури и раководство на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Нацев бил функционер на влада на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016-2017 година.
– Александар Нацев бил дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016-2017 година, обавувал некаква функција во тој период и тоа е последното нешто што го познавам и го поврзувам со Александар Нацев. Го охрабрувам Обвинителството да продолжи и понатаму да работи и доколку кои било мислат дека имаат каква било одговорност во овој случај, зборуваме за ужасната трагедија во Кочани, да дејствува. Ние ќе им помогнеме – изјави Мицкоски. Нацев се товари за тешки дела против општата сигурност. Според доказите Нацев, е реалниот сопственик на агенцијата „Рубикон”, која кобната ноќ, го обезбедувала локалот. Тој, цело време раководел со деловниот потфат заедно со веќе осомниченичениот управител и овластеното лице на подружницата во Кочани. Без склучен договор за 2025 година, ја обезбедувал дискотеката, а прекршени се и неколку членови од Законот за приватно обезбедување. Немале направено безбедносна проценка и план за обезбедување, ниту пак, план за евакуација.
Александар Нацев е новиот осомничен за пожарот во „Пулс“
-Во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи-пиротехнички средства – информираат од Обвинителството. Врз основа на судска наредба беше извршен претрес на локации во Скопје и Пробиштип, како и во автомобилот на Нацев, при што е одземена документација и електронски уреди. Во досегашната истрага за тешки дела против општата сигурност осомничени се вкупно 46 лица. Истрагата продолжува и за 14 полициски службеници, за кои се уште се собираат докази.