Премиерот Христијан Мицкоски денеска го прокоментира случајот во кој, според тврдењата на СДСМ, фирмата „Салтировски консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип, донирала средства на ВМРО-ДПМНЕ и водела фиктивно сметководство за фирми поврзани со импровизираната дискотека „Пулс“, каде пред три месеци загинаа 62 претежно млади луѓе.
„Што се однесува до политичката кампања за донациите, тоа само може да биде доказ повеќе дека нема селективност за разлика од случајот во модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс итн кога до ден денеска имаме привилегирани директни или индиректни актери во тие случаи“, рече Мицкоски.
Премиерот повторно го употреби зборот „некрофилија“.
„Јас ја разбирам стратегијата на СДСМ преку некрофилија да добијат политички поени. Што се однесува до суштината на истрагата, не би коментирал, бидејќи тоа е во рамки на Јавното обвинителство“, изјави премиерот.Тој повторно го повика Јавното обвинителство да се занимава со сите случаи, како Ласкарци, Беса Транс, модуларната болница во Тетово, не само со Кочани обвинувајќи ги дека ги кријат нивните „вистински политички стопани“ и „вистинските сторители“ во тие случаи.