Премиерот Христијан Мицкоски денеска, ден по бојкотот на големите маркети поради поскапувањата на храната и основните производи, изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, а според неговите првични сознанија, „она за што биле загрижени во однос на цените, е всушност реалност“.
-Да, излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека истовремено ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат „со цел од целата ситација да излезат како победници“. Повикот за бојкот вчера ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите. За износот на намалениот промет информации најави, но сè уште не соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).