Сопствениците на локалите ќе добијат онолку време колку што им е потребно за да ги исправат недоследностите и во тој период нема да работат. Но, има и државни објекти меѓу оние што не ги исполнуваат потребните услови за работење, а некои од нив се установи за претшколска возраст, пензионерски домови и училишта кои изминатите три децении не биле реновирани и градени, туку крадени, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на мораториумот за сопствениците на локалите што го најави вчера, премиерот објасни дека се мисли на периодот што ќе им биде даден за да ги отстранат недоследностите или да можат да направат нешто со што ќе се приспособат. Суштината е, нагласи, сите што доставиле документи, да ги исполнат и условите. -Кога зборуваме за мораториум, зборуваме за временски период што ќе им биде даден на сопствениците да ги отстранат недостатоците или да можат да направат нешто со што ќе се приспособат можеби не на дискотека, на кабаре или на нешто друго. Размислуваме колкав период ќе им биде даден и тогаш тие нема да работат, туку ќе го искористат за да ги отстранат недостатоците, ова не може да се претвори во „преки суд“ зашто нешто што е повеќе од 30 години погрешно направено за 9 месеци се обидуваме да го канализираме и да го ставиме во ред, ова ќе биде обемна операција, изминативе денови слушнавте колку дозволи се суспендираат и колку лиценци и објекти се затворени – изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.
Владата, додаде, прави сè за да го исправи она што повеќе од три децении било погрешно. -Операцијата е обемна, ќе треба време и затоа ќе им оставиме на сопствениците на локалите време. Тука не станува збор само за приватни објекти, има и државни објекти и државата ќе треба да има одреден период за „да ги исправи“ тие објекти кои биле градени или крадени изминатите три децении. Не би можел сите да ги набројам, но можам да ги кажам дејностите: претшколска возраст, пензионерски домови, училишта, …, кога се граделе или реновирале, во суштина се краделе и затоа менуваа Кривичен законик со европско знаме, знаеја дека доаѓа Влада што има намера да работи, а тие што ги краделе државата и народот, да ги казнува, истакна премиерот, повторувајќи дека временскиот период што ќе им се даде на сопствениците на локалите ќе трае колку што е потребно – додаде тој.