Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата за странските директни инвестиции оваа година, изјави:
„Од бројките којшто јас ги имам на располагање, заклучно со ноември месец, имаме во 2024 година повеќе од една милијарда, мислам околу милијарда и четириесет милиона. Што ако се преведе по глава на жител и процент од бруто домашниот производ е, за нас, најголемиот резултат, историски гледано. Очекувам тој тренд да продолжи и во оваа година, во 2025 година заедно со домашните инвеститори и очекувам тоа да биде драјвер за голем раст на македонската економија и бруто домашниот производ, нешто коешто нас ни е потребно насушно после неколку години стагнација или мачење во развојот.
Така што ние како Влада сме целосно ориентирани и поддршка на директните вложувања на странски компании, но и директна поддршка на македонските компании и веќе зборувавме и со претседателот на Комората, кажавме дека оние 250 милиони евра коишто беа ветени, конечно од денеска, сите формалности се завршени, ајде би рекол од понеделник веќе ќе може да биде ставен на располагање на стопанството. Така што, еве уште еднашка да кажам дека имаме исклучителна соработка, како Влада сме ориентирани во таа насока да го поддржуваме бизнисот. За нас патриотски чин претставува повеќе вработени, давање повисока плата, инвестиции, луѓето да си ги задржиме дома. Тоа е она коешто претставува наша заедничка цел.“