Постои сомнение дека е можно во раните утрински часови пред два дена да се случила саботажа во РЕК Битола. МВР го истражува случајот што е нивна работа, а на вработените во АД ЕСМ им останува час поскоро да го оспособат блокот 2 и да биде во функција, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Важно е што навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници. Во РЕК Битола се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите. Двата блока се веќе во ремонт, а овој единствено работеше, бидејќи таква е потребата на пазарот во моментов РЕК Битола да работи со еден блок, а пикот да се пегла со други извори – рече Мицкоски. Вториот од трите блока на РЕК Битола сè уште е исклучен од електроенергетскиот систем, по активирање на заштитниот механизам. Од Електростопанство се сомневаат на саботажа. Блокот од системот бил исфрлен поради зголемена температура, по појава на опожарени дрвени елементи во близина до орманот за електронско управување. По завршувањето на полицискиот увид, стручни екипи од РЕК Битола веднаш ќе започнат со детална анализа за согледување на евентуалната настаната штета и утврдување на точната причина за зголемувањето на температурата.