„Наш прв приоритет како Влада и мој личен е борбата против корупцијата и организираниот криминал. Мислам дека во изминативе нецели 10 месеци, откако сме избрани како влада, тоа го покажавме. Опозицијата погодена од тоа што обвинителството води истрага против одредени нивни функционери од минатото, сега се обидува тоа да го пренасочи кон власта и да го брендира како селективна борба со криминалот и корупцијата, тоа е нивно право“, изјави премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите“. Мицкоски истакна дека како влада постојано ја мерат перцепцијата на јавноста, а тие мерења покажуваат дека граѓаните и опозицијата имаат спротивни гледишта, особено во однос на трагедијата во Кочани. „Процесот посебно поврзан со последниот ужасен настан во Кочани го води Обвинителството. Сето она коешто Обвинителството ќе го дијагностицира, ние како власт имаме целосно право да постапуваме. До овој момент ниту сум се замешал, ниту имам намера да се мешам, но истовремено ќе постапуваме затоа што мој главен приоритет е борбата против корупцијата и организираниот криминал“, рече Мицкоски. Премиерот посочи дека во случајот со Кочани, сите оние кои по вертикала имале каква било врска со немилиот настан, без разлика дали се именувани од сегашната или минатите влади, се разрешени.
„Кој ќе се гони и има одговорност, покажува истрагата којашто ја води Обвинителството. Факт број два, овој обвинител и овие обвинители не ги бираше оваа Влада, ги бираше претходната влада. Ја разбирам опозицијата, која се обидува овој процес да го наметне врз Владата како процес во којшто Владата е селективна, но не ги оправдувам, се разбира. Не само што не сме селективни, туку апсолутно по секој налог на обвинителството, ние ќе постапиме. Ќе ве потсетам на разликата за постапување на оваа влада и претходните влади. Само направете, за жал можеби морбидно ќе звучам, компарација во овој случај и сите оние случаи во минатото, Ласкарци, модуларна, Беса Транс итн. И конечно, трето, ќе ве потсетам дека пред некоја недела беше приведен директор на здравствена установа, којшто беше именуван од оваа влада, како човек којшто побарал мито. Тоа беше во една координирана акција помеѓу Обвинителството, Судот и МВР и тој човек беше приведен и изведен пред суд. Ќе ве потсетам, како никогаш до сега, лице коешто беше дел од мојот поширок круг на обезбедување, поради тргување со информации беше фатен во корпус деликти и беше исто така приведено. За мене се небулозни тврдењата на опозицијата или на некои нивни ботови на социјалните медиуми, но тоа е демократијата да имаме различни мислења, но на крајот од денот граѓаните се тие коишто судат дали државата, обвинителството или судовите постапуваат правилно и нему му ја даваат довербата“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски.