„Не треба да ги обвинуваме домаќинствата затоа што тие немаат алтернатива, за жал никој до сега не им обезбедил алтернатива, а кога би имале тогаш третирањето на темата би било поинакво и работиме на тоа да обезбедиме алтернатива за домаќинствата.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорната расправа во Собранието за аерозагадувањето. Премиерот Мицкоски додаде дека најчесто таа алтернатива е централно греење, а во моментов само дел од Скопје има таков начин на затоплување преку централно греење и има индивидуални обиди во општини каде е инсталираат гасни котли за затоплување на јавни објекти.
„Но нема далечинско централно затоплување на домаќинствата и можеби тоа е причината зошто луѓето користат најчесто фосилни горива, но не ретко и користат практично се. Од прегорено масло, преку отпадни гуми, стар мебел и покуќнина за да може да ги затоплат своите домови. Тоа може да се надмине само на еден начин ако се реализираат овие проекти и ако се работи на свесноста на сите чинители во општеството. Во годините кои следат дел од овие проекти за дел од општините ќе се реализираат и ќе обезбедат почиста и поздрава животна средина.“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека исто така во таа насока се субвенциите за инсталирање на ефикасни котли на гас во јавни објекти, топлинските и геотермалните пумпи. „Како влада се заложивме и сме во напредна фаза на одблокирање на заем од Светска банка да бидеме пријателска влада кон околината преку реконструкција на јавните објекти. Многу работи се случуваат и ќе продолжат да се случуваат.“, изјави премиерот Мицкоски.