Предлозите (на Филипче, н.з.) се стасани. Како Влада соодветно ќе ги проследиме до надлежните министерства, од каде што очекуваме да се воспостави и да се продолжи идната комуникација и соработка, велат од Владата. На Филипче му е битен ставот на Мицкоски и нема намера да понуди други на местото на Чупеска и на Михајлова-Стратилати. Премиерот Христијан Мицкоски даде „пас“ за предлозите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за опозициски претставници во работните групи за реформи во неколку области, договорени на првата лидерска средба, потврдија за „Слободен печат“ од Владата. Според ова, министерот за правда Игор Филков ќе треба да ги прифати потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, како и Елена Михајлова-Стратилати, да бидат во работната група за реформи во правосудството, иако претходно оцени дека за него се неприфатливи и дека нема да донесат добри решенија. На Филипче, пак, битен му е ставот на Мицкоски и нема намера да понуди други на местото на Чупеска и Михајлова-Стратилати. По „курцшлусот“ на Филков, коментарите се дека надвор од умот е власта да се меша и да ги одредува предлозите на опозицијата за работните групи.
– Предлозите се стасани. Како Влада соодветно ќе ги проследиме до надлежните министерства, од каде очекуваме да се воспостави и продолжи идната комуникација и соработка – велат од Владата. Лидерот на СДСМ, пак, очекува потврда од Мицкоски за доставените предлози за опозициските претставници во работните групи.
– Во согласност со заклучоците што произлегоа од лидерската средба, во насока на формирање работни групи, како претседател на СДСМ упатив писмо до претседателот на Владата, со кое го известив за лицата кои ги номинирам, во име на партијата и како експерти во областите. Очекувам потврда од премиерот за номинираните лица и понатамошна комуникација во однос на работните групи – ни изјави Филипче. Министерот Филков неодамна ги одби предлозите на Филипче и му порача да биде посериозен при предлагањето на нови лица. За Филков, неприфатливи се Чупеска и Михајлова-Стратилати, зашто биле дел од експертските тимови за кроење на уставните амандмани пред две години.
– Сакам да верувам во добрата намера да се помогне и да се учествува во каков било процес, но мораме да бидеме свесни дека со имиња што учествувале и биле креатори на проблемите, тешко ќе стасаме до добро решение. Тие две имиња во 2023 година беа во групата што ги правеше уставните измени, така што се надевам дека ќе имаат посериозен пристап и ќе дадат нови – рече Филков. Дали и зошто Филков се „истрча“, нема објаснување. За членови на работната група за енергетика, СДСМ ги предложи и Виктор Андонов, Славе Ивановски и Симон Узунов. Нема информации кога ќе почнат со работа работните групи. Според договорот меѓу Мицкоски и Филипче, експертите предложени од СДСМ треба да се приклучат кон веќе постојните работни групи за реформската агенда во повеќе сектори, но како приоритетни е договорено да бидат правосудството и енергетиката. Соработка беше најавена и за реформската агенда од Планот за раст, во која во првата група се и закони од областа на здравството, културата и дигитализацијата.