Премиерот Христијан Мицкоски на гостување на „Euronews“ говореше за евроинтегративните процеси на државата и предизвиците со кои се соочува, но исто така и за отстапките кои се направени на тој евроинтегративен пат.
„Имате претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел на вас ви велел уште само ова и тоа е тоа“, рече премиерот Мицкоски во контекст на последните барања за промена на македонскиот Устав и дополни дека во иднина ќе продолжи да се бори и аргументите да ги пренесе секаде на светот. „Да се научиме да победуваме, тоа постојано го говорам, и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Рим и во Париз, секаде во светот во поголемите европски и светски метрополи, а не само дома. Само на тој начин вие можете да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи“, посочи Мицкоски и продолжи: „Мојата политичка борба се темели да успеам тоа што е изгубено, барем делумно да го повратам, и граѓаните во оваа мултиетничка држава во којашто мнозинство се Македонците, но има и дел од Албанците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите, Турците и останати граѓани, да имаат подобар живот и во оваа не цела година дена тоа ми успева.“ Коментирајќи ги европските пораки за интеграциите на Западен Балкан премиерот Мицкоски кажа дека македонските граѓани, особено македонскиот народ чувствуваат фрустрација, но карактерот им е да веруваат во европски вредности.
„Од самиот почеток, уште од распадот на поранешната федерација, тоа беа двете стратешки цели, членство во НАТО и членство во ЕУ. Тоа е дел од карактерот на македонските граѓани и тоа не се менува преку ноќ, но да, чувствуваат малку горчина поради кнедлите коишто мораа да ги голтнат и се исфрустрирани затоа што многумина продефилирале тука во Скопје ветувајќи ни чуда, но за жал ние баравме само обични работи, но и тие обични работи не успеаја да ни ги испорачаат. Знам дека најголемиот дел од земјите членки сакаат да го видат Западен Балкан во ЕУ. Верувам во намерите на Берлин, Париз, Рим, Будимпешта, Брисел и би рекол на 26 земји членки на ЕУ, но знам на кого не можам да му верувам. И за жал сè додека важи правилото на едногласие во ЕУ, за нас претставува ризик каква било дополнителна отстапка којашто во периодот понатака би ја правеле“, заклучи премиерот Мицкоски.