Логично е во месецот што следи да има прераспределба на буџетските средства, поради импликацијата врз буџетот како резултат на проектите кои што ги поднесоа општините за финансирање од вториот повик, рече премиерот Христијан Мицкоски, потврдувајќи ја најавата на министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска, дека ќе има ребаланс. Според Мицкоски, сепак, се работи за 15 милијарди денари основни буџетски средства, плус кофинасирањето кое што вкупно покажува сума од 16 милијради денари. Логично е да помине една ваква прерсрапределба, за да може општините во нивни рамки да направат ребаланс, за да распишат тендери и да изберат иведувачи и да тргнат проектите, додаде тој.
-Што се однесува до ребалансот, знаете дека годинава имаме локални избори и логично е да имаме барем еднаш во годината ребаланс. Лани тоа беше кон крајот на јули. Годинава ќе биде проблематично бидејќи ќе се распишат локалните избори и најверојатно ќе биде кон крајот на јуни. Се уште не е направена анализа и кога ќе биде готова ќе се излезе пред пратениците. Она што е важно е дека мерките на Владата даваат резултати и два месеци имаме негативна инфлација, имаме раст на производството, се најавуваат нови странски инвестиции и имаме позитивна бројка на извозот во првото тромесечје – рече Мицкоски.
На почетокот на април, министерката за финансии рече дека ребаланс на буџетот ќе има и очекувано е тоа дека ќе се случи, но дека очекува да биде во летниот период. -Сега ќе имаме мини прераспределба, откако ќе заврши јавниот повик за општините, а прераспределбата што ја планираме е бидејќи не можевме однапред да ги предвидиме парите во кое Министерство да се доделат – објасни Димитриеска-Кочоска.