Мицкоски нагласи дека Македонија прифатила да седне на маса со Бугарија за време на НАТО самитот, каде, како што рече ќе може да се слушнат аргументите од двете страни. Од Европа побарав фер третман и доследност. Европа да покаже лидерство, рече премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Каја Калас. Мицкоски нагласи дека Македонија прифатила да седне на маса со Бугарија за време на НАТО самитот, каде, како што рече ќе може да се слушнат аргументите од двете страни.
„За време на Хашкиот самит на НАТО, да има билатерална средба на претставници од Македонија и Бугарија. Бидејќи таму ќе биде претседателката, тоа ќе биде одлична можност да има билатерална средба. На неа би присуствувала претседателката на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, генералниот секретар на НАТО, дел од земјите членки на НАТО, за да можеме да ги кажеме на билатерална средба аргументите.
Од една страна едни аргументи, од друга страна други аргументи, ама кога ќе бидеме сите на иста маса, колку и да трае тоа, добро е да се разговара. Ние тоа веднаш го прифативме. И денеска повторно тоа, заедно со Калас расговаравме за тоа, и прифативме. Ќе се подготвиме најдобро што знаеме и мислам дека е добро да има таква средба каде ќе можат да се чујат аргументите на двете страни, особено на НАТО самитот. А добро би било да се слушне, да се седне на маса. Можеби од таа страна ќе чуеме аргументи што не сме ги знаеле, каде исчезнаа 200.000 Македонци во Западна Бугарија од 1956 до 1965 година“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека разговарале отворено, како што им доликува на партнери кои се стремат кон заедничка иднина и оти од високата претставничка на ЕУ побарал фер третман и доследност во процесот.
„Денеска побарав фер третман. Побарав доследност. Побарав Европа да покаже лидерство, не само на хартија, туку и во реалноста. Да се врати довербата во европската идеја, особено кај младите. Да покажеме дека Европската Унија не е затворен клуб, туку жива визија, заедница на вредности, отворена за оние што ги живеат тие вредности.
Веруваме во европскиот сон, но и бараме да биде сон достапен за сите, не само за избраните. Затоа ја поздравувам денешната инаугурација на Првиот дијалог за безбедност и одбрана со Унијата. Тоа не е само вообичаена симболика. Тоа е сигнал дека се движиме во иста насока“ рече Мицкоски.