Македонскиот премиер Христијан Мицкоски верува дека Македонија само може да добие од добрите односи со САД и со новиот американски претседател Доналд Трамп. „Ние сме меѓу првите кои што го поддржаа тоа ново нормално и ценам дека тоа ќе биде масовно во периодот кој што следи. Сметам дека со контактите коишто ги имаме со најблискиот периметар на претседателот Трамп можеме само да добиеме, а не и да изгубиме. Билатералниот спор кој што го имаме со нашиот источен сосед е спор кој што генерално нема никаква врска со вредностите на 21 век и ценам дека треба час поскоро ние да ги отпочнеме и формално преговорите со ЕУ кои што се дел од овој билатерален спор. А за сите атрибути кои се дел од овој билатерален спор кои одредени политички кругови кај нашиот источен сосед ги третираат како свој врвен приоритет тука сметат дека не треба да се коментира, бидејќи за идентитетски прашања секој мој коментар би бил одвишок бидејќи се знае мојот став за тоа прашање“, изјави Мицкоски.
Основачот и сопственик на платформата „Rumble“, Крис Павловски, кој е еден од блиските поддржувачи на претседателот на САД, Доналд Трамп и дел од тимот на Трамп, претходно го пофали говорот на премиерот Христијан Мицкоски на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон. Инаку, Aлбанија ги почна преговорите со ЕУ, а Македонија не може да го стори тоа додека не ги внесе Бугарите во Уставот. Претходно, освен Бугарија и Франција го блокираше европскиот пат на Македонија со вето. фото Фејсбук/Христијан Мицкоски