Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да ви го честитам Националниот дел на Власите 23 мај. Влашката заедница има значајна улога во градењето и развојот на Македонија. И во историска и во општествена смисла тие се лојален дел од развојот и постоењето на државата. Денес Власите активно учествуваат кон трансформирање на државата, нешто за коешто се обврзавме пред граѓаните. Преку заедничка работа, труд и посветеност ние градиме соживот, но и услови за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
Свесен сум дека и Власите како и останатите граѓани го живеат тешкото секојдневие на предизвици и препреки, но заедно сите посветено мораме да работиме да ги премостиме сите заеднички проблеми и да донесеме решенија за идните генерации. Македонија го оди патот на трансформацијата, каде што ќе се почитуваат принципите на владеење на правото, правна држава, бескомпромисна борба против криминалот, како и вредностите врз кој треба да се развива државата, а тоа е исполнување на ветувањата, реализација на проектите и градење на држава во која секој ќе си ја пронајде сопствената иднина и среќа. Наша обврска и задача е преку толеранција, меѓусебно разбирање и почитување на различностите да продолжиме да живееме и создаваме во ова парче земја и да градиме мостови на пријателство. Нека Ви е честит 23 мај, Националниот ден на Власите.
Христијан Мицкоски, Претседател на Владата на Република Северна Македонија
Со почит, Генерален секретаријат, Сектор за односи со јавноста