Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со најголем дел од родителите на загинатите во Дискотеката „Пулс“ во Кочани се има видено и ќе продолжат да им помагаат семејствата на повредените.
– Апсолутно имаме организиран пристап и со родителите се видов, најголемиот дел од родителите и ќе продолжам да се гледам, да разговараме, да помагаме и за оние коишто се повредени и за оние коишто за жал ги загубија своите најмили – изјави премиерот Мицкоски, кој во Општина Желино денеска одговараше на новинарско прашање дали се следи состојбата и се помага на семејствата на загинатите и повредните во кочанската дискотека „Пулс“. Самохрана мајка на момче кое е повредено во пожарот во кочанската дискотека, раскажува за тешкиот живот по трагичната несреќа и негата за нејзиното дете. Таа вели дека морала да даде отказ од работа за да се грижи за синот, а дека има и друго десетгодишно дете, како и болна мајка за кои исто така треба да се грижи.
„Сè уште чекаме. Државата не ни помогна со ништо. Не знаеме што сè ќе треба во понатамошниот процес на заздравување – дали ќе има операции, дали ќе треба специјални ракавици или опрема… Јас сè што имам ќе дадам, ама потребна ни е и помош од државата,“ вели таа.