Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема никогаш да преговара за македонскиот идентитет и јазик, како што направил еден поранешен министер и ѝ нанел огромна штета на Македонија.
„Никогаш нема да си дозволам да преговарам за нешто коешто знам дека претставува огромен проблем и фрустрација за македонските граѓани, за албанските граѓани, за турските, за сите оние граѓани во Македонија коишто се составен дел од Уставот. За жал тоа го правеше еден министер во минатото, преговараше за мојот македонски идентитет и направи грешка, и ако мисли дека тоа ќе го заборавиме, се лаже. Ќе бараме начин, ќе градиме доверба и ќе го решиме ова, дали оваа генерација или некоја следна ќе го реши, тоа ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет и на македонскиот народ“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Владата за уставните измени во пресрет на посетата на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас. Според Мицкоски, штетата која била направена со преговарањето во минатото, ја довела државата во ситуација од шампиони во регионот, па и во Европа, сè уште да не можеме да почнеме со преговори со ЕУ.
„Јас сум прагматичен човек и политичар и немам дилема дека треба да градиме добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Ние немаме никакви проблеми да го прошируваме нашиот Устав со, да речеме, дел од Хрватите кои живеат кај нас, бидејќи Македонците се дел од хрватскиот Устав. Ние немаме проблем да зборуваме за Црногорци, Словенци итн., но имаме проблем да прифаќаме ултиматуми. Јас не сум човек којшто прифаќа ултиматум“, рече Мицкоски. Тој рече дека е убеден дека ќе се изнајде некое решение за проблемот, дека ЕУ ќе изнајде механизми и Македонија ќе го добие заслуженото место на масата со другите членки.