По поднесените обвиненија во предметот ,,Онкологија” во кој лекари – онколози и поранешни директори на Онкологија се товарат за тешки кривични дела, односно се обвинети за злоупотреба со скапа терапија и тешки дела против здравјето на луѓето, голем број на граѓани, чии блиски се лекувале на Онкологија и починале, се огласија на социјалните мрежи. Во неверување, дека поради профит им се крадела терапијата на болните, и со тоа свесно им била ускратена можноста за соодветно лекување и спас од болеста, многумина објавуваат потресни статуси.
Еден од нив е и штипјанецот Елвин Шекиров, студент на медицина, кој како насока ја избрал токму онкологијата, а чија мајка починала пред седум години од карцином на дојка. Во својата трогателна објава, идниот онколог појаснува како уште пред да ја отвори и прочита веста за Онкологија, имал лошо чувство. Кога започнал да чита, го прочитал помеѓу обвинетите името на онкологот кој ја лекувал мајка му.
– Ја отворам објавата за онкологија. И нешто ме гризе уште пред да почнам да читам.
Го чувствувам. Тој познат стег во градите. Тоа шепотење во мене: „Сега ќе те боли…“
И го читам името на онкологот кој ја „лекуваше“ мајка ми. И под него – студено, рамнодушно, како нешто да вреди помалку од човечки живот – „несоодветно лекувана“. Таа не беше бројка, таа не беше само дијагноза, таа беше лавица која се бореше до последната воздишка за своите деца.
Поради вас… Јас цел живот се чувствувам половично. Ми ја украдовте мајка ми. Ми го распарчивте детството. И тоа никој не може да го врати.
Знам дека и покрај сето ова вие ќе си продолжите да си функционирате нормално и знам дека ништо нема да ви биде во овој свет, ама со сигурност знам дека ќе ви биде во еден друг свет каде што навистина постои правда и таа правда ќе ве стигне… Бидејќи вие оставивте многу деца без мајки, објави на својот Фејсбук профил Шакиров. Вчера од Основното јавно обвинителство соопштија дека поранешните директори на Клиниката за радиологија и онкологија, медицинскиот Нино Васев и организацискиот Нехат Нухи се обвинети во две обвиненија во предметот на Основното јавно обвинителство „Онкологија“. Меѓу обвинетите во второто обвинение има уште тројца лекари онколози од Клиниката.
Обвиненијатa се поднесени до Основниот кривичен суд Скопје. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.
Денес од ОЈО соопштија дека за Васев и Нухи се бара притвор, поради сомнеж дека може да избегаат поради тежината на кривичните дела за кои се обвинети.