Кои земјоделци ќе можат да користат помош, колкава ќе биде висината на помошта, какви типови на помош ќе се доделува во секторот. Ова се дел од сегментите од новиот Закон за земјоделство и рурален развој кој веќе е поставен на веб страната ЕНЕР. Во него е посочено дека помош за одделни категории на носители на земјоделско стопанство ќе се доделува на корисници на директни плаќања и тоа во висина од 5 проценти за правно лице регистрирано како земјоделско стопанство, основано од носителот или член на семејно-земјоделско стопанство. Повисока помош, во износ од 10 проценти ќе се дава во категориите млад земјоделец носител на семејно-земјоделско стопанство.
– Помошта се дава најмногу за период од пет години од уписот на промената во ЕРЗС.Помошта не може да надмине 15 проценти од одобрениот износ на директни плаќања во една календарска година. Дополнителна помош во висина од минимум 20 отсто може да се додели на земјоделски стопанства корисници на директните плаќања од член 38 од овој закон чиј носител е регистриран вршител на земјоделска дејност согласно со Законот за вршење на земјоделска дејност или е регистриран како индивидуален земјоделец согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување – се посочува во законот. Во него исто така е пропишано дека помош во сточарскиот сектор е наменета за поддршка, одржување и унапредување на генетскиот квалитет на сточарството, како и за отстранување и уништување на пцовисан добиток. Висината во овој сегмент може да достигне и до 100 отсто за покривање на административни трошоци за воспоставување и одржување на матично книговодство. Додека до 70 проценти за трошоците за испитувања извршени од трети лица за утврдување на генетскиот квалитет или принос во сточарството. Потоа 100 отсто ќе се покриваат трошоците за отстранување на пцовисани животни, односно до 75 проценти од трошоците за уништување на труповите на тие животни. Посочено е дека до 100 отсто ќе се покријат трошоците за отстранување и уништување на труповитево случај на појава на болести кои задолжително се пријавуваат од листата на Светската организација на здравствена заштита на животните, за болести кои се потврдени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Помош за одделни категории на носители на земјоделско стопанство може да се додели во вид на еднократна помош за корисници на државно земјоделско земјиште на плодоуживање согласно со Законот за земјоделското земјиште и тоа во висина не повеќе од 120.000 денари по корисник во годината кога за прв пат е стекнато правото за користење на државно земјоделско земјиште на плодоуживање. Висината на помошта која се доделува по корисник во зависност од земјоделската култура за која е доделено државното земјоделско земјиште на плодоуживање, како и максималниот износ на еднократната помош ја утврдува Владата со програмата за доделување на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на одредени категории социјално необезбедени лица согласно со Законот за земјоделското земјиште– се посочува во Законот. Меѓу другото во него е пропишана и помош „Де минимис“, која се доделува на земјоделски стопанства кога им е неопходна, а не можат да ја остварат по никој друг основ согласно со овој закон. Одлука за доделување ја донесува Владата на предлог на министерот, а максималниот износ не може да надмине вкупен износ од 700.000 денари за три последователни години. Законот утврдува и дека Министерството ќе води евиденција на секоја доделена помош во земјоделството и руралниот развој и ќе се грижи за одбегнување на двојно финансирање за иста намена.
– Секој давател на помош во земјоделството и руралниот развој е должен да го извести Министерството за намерата за доделување помош. Давателот на помош може да додели помош во земјоделството и руралниот развој само по издадено решение за одобрување од страна на Министерството – се посочува во законот.
П.О.