Делегација пратеници од Клубот за младински прашања и политики оствари средби во Европскиот парламент во Брисел, во рамки на програмата за млади пратеници, организирана од страна на Одделението за парламентарна поддршка и градење на капацитети, во рамки на Директоратот за демократска поддршка (Генерален директорат за надворешни политики на Унијата). Делегацијата, во состав: Драгана Бојковска, претседателка на Клубот и членовите: Јован Јаулески, Сергеј Попов, Јане Мицевски, Борче Цветков, Фериде Хаџиу и Рина Ајдари, имаше можност да размени мислења со европратениците Лукас Мандел, Карло Реслер, Томас Вајц, Матијаш Немец, Себастијан Тункинен и Каи Тегетоф. Беше остварена посебна средба и со Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Директоратот за проширување и источно партнерство, како и со Зузана Микалова-Шутјакова, шефица на Одделот Европа 2 при Европската служба за надворешни работи.
Од европска страна беше особено поздравена посетата на младите пратеници како одлична можност за директна размена на мислења и изворно запознавање со случувањата во нашата земја и значаен аспект од парламентарната дипоматија. Потенциран беше геополитичкиот момент во Европа и силната поддршка за проширувањето на Унијата со нови земји членки. Во тој контекст, беше посочено дека е потребно заокружување на преостанатите обврски за отворање на преговарачките поглавја и придружување на нашата земја кон останатите земји кои веќе водат преговори во Регионот и поскоро зачленување во Унијата. Основите беа акцентирани како есенцијален дел од преговорите, особено владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на јавната администрација. Во текот на овој процес, парламентите ја имаат клучната улога во донесувањето на потребното законодавство, согласно европските стандарди.
Од наша страна, Бојковска информираше за активностите на Клубот и принципот на работа со консензус во донесувањето одлуки, кој демонстрира обединетост на младите пратеници за прашања кои директно ги засегаат младите. Легислативата за младински политики, Стратегијата за ментално здравје, прашањата за студентскиот стандард – беа посочени како дел од големиот број активности на ова неформално собраниско тело. Соработката меѓу Собранието и Европскиот парламент беше особено поздравена, со апел за поголема европска поддршка и низ културен дијалог, да се изнајдат решенија за продолжување на евроинтегративниот пат, за кој меѓу политичарите и граѓаните процентот е сè уште висок, со ризик истиот да опадне доколку продолжи периодот на стагнација и на тој начин зголемување на надворешните влијанија од трети страни во земјата и Регионот пошироко.
Пратениците едногласно истакнаа дека земјата направи многу отстапки и спроведе голем дел од бараните реформи и тоа треба да биде сериозно земено предвид за спречување на појава на европскептицизам и нарушување на кредибилитетот на Европската Унија. Во поглед на Резолуцијата на ЕП за напредокот на земјата која се донесува на годишна основа, беше изразена надеж дека истата, како и досега, објективно ќе ја отсликува состојбата во нашата земја. Што се однесува до младинските политики, беше договорено иницирање заедничка соработка на теми од заемен интерес за младите во земјата и во Европската Унија. Делегацијата имаше можност да присуствува и на седница на Комитетот за надворешни работи и беше топло поздравена од претседателот Дејвид Мекалистер.