Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 21-годишник за кого постои сомнение дека сторил полови дејствија врз 19-годишна девојка, односно кривично дело од член 186 став 7 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На 14 јануари девојката влегла во трговски центар и додека плаќала на една од касите ја забележал осомничениот кој пазарел во истата продавница. Осомничениот ја следел извесно време, сè додека девојката влегувала во зграда во близина на трговскиот центар.
Осомничениот ја нападнал во влезот на зградата и започнал да ја допира и да извршува полови дејствија. Жртвата се спротивставила и почнала да вика, по што осомничениот ја ослободил и избегал. Полицијата го пронашла и е лишен од слобода неколку дена подоцна. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патни исправи за преминување на државните граница, обврска осомничениот да се јавува кај определено службено лице во судот и забрана да се приближува или да воспоставува контакти со жртвата.
Извор: Новинарска агенција МЕТА