Откако порталот „Буревесник“ попладнево објави фотографии од притворското одделение каде на Васил Јованов му бил даден мобилен телефон што не му следува бидејќи е осомничен за предизвикување сообраќајка со смртни последици каде животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова – јавноста е повторно на нозе. Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов за „Слободен печат“ вели дека мобилниот телефон веднаш му е одземен, извршен е претрес во сите ќелии и осомничениот Јованов е преместен во самица. Ќе следува и истрага и санкции за корумпираните службеници кои што му го дале мобилниот телефон. Од семејството бараат секторот за внатрешна контрола во МВР да го пронајде одговорниот што го снабдил со мобилен телефон Јованов.
-Дали ќе се дозволи корупцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее, чие дете е следно? праша Росица Кулакова сестра на трагично загинатата Фросина Кулакова.
Вчера се одржа голем протест на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што беше прегазена Фросина Кулакова, студентка по дизајн на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“. Васил Јованов, пред да се седне во „пежото 207“ во средата навечер, се сликал како пие вино и пред полноќ, иако немал возачка, се чувствувал слободно без пардон да ги прекрши сите сообраќајни правила. По трагедијата судија на претходна постапка му одреди 30-дневен притвор. Јавноста е револтирана и згрозена од тоа што системот на Јованов му прогледувал низ прсти со години, а неговите привилегии продолжуваат и еден ден после доделувањето мерка притвор. Но веќе денеска, тој со мобилен телефон, осамна на социјалните мрежи а го фотографирал некој друг во затворот исто така со мобилен телефон.