„Ова требаше да се очекува. Ние во име на Синдикатот сме загрижени дека овој тренд може да продолжи. Како што долги години имавме напредок, имам впечаток дека може да се продлабочува, но не би давал прогнози“, рече во вечерашната „Топ тема“ на „Телма“ новинарот Перо Момировски, проектен координатор во ССНМ, коментирајќи го падот на земјава на Индексот на слободата на медиумите на организацијата „Репортери без граници“.
„Забележуваме проблеми во социоекономскиот дел кои не се менуваат. Забележуваме нешто што се продлабочува во тенденцијата на обраќањето, на комуникацијата меѓу политичарите и бизнис-елитата со новинарите. Забележуваме проблеми на релација истражувачки новинари и воопшто новинари и реакции на оние за коишто објавуваат, дали се тоа политичари или бизнис-класа, па нека се и други јавни личности. Значи, таа реакција, чинам, дополнително се засилува и во одредени несреќни моменти што ни се случија во оваа држава, забележувате дека на сите, безмалку, во моментов медиумите им се виновни“, рече Момировски.