Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека во четвртокот се обратило до општините кои се основачи и надлежни за работата на основните и средните училишта да ги проверат исполнетоста и почитувањето на безбедносните стандарди во училишните објекти.
„Локалните самоуправи треба да утврдат дали сите училишта на нивна територија имаат изработено Проценка на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, План за заштита и спасување во кризни ситуации потврден од Дирекција за заштита и спасување и Правилник за заштита од пожари и експлозии, кој исто така треба да биде одобрен од Дирекцијата за заштита и спасување“, велат од МОН. Додаваат дека недостигот на кој било документ подразбира неодложно постапување и зајакнување на сигурноста на учениците за време на престојот во училишните објекти.
„Обврската се однесува и на училиштата под надлежност на државата, односно основните училишта со ресурсни центри и државните училишта за образование и рехабилитација. Дадена е и насока за редовна проверка на функционалноста на опремата за справување со кризни ситуации и непогоди, како ПП апарати и хидранти“, велат од МОН. Министерството за образование и наука додава и дека од денес, во рамки на своите надлежности, и Државниот просветен инспекторат ќе проверува дали училишните објекти се осигурени.