Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска одржа работна средба со Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флахерти, на која се разговараше за тековните и идните активности на државата во насока на унапредување на човековите права во образованието, со фокус на пристапот до образование за учениците и студентите Роми и елиминација на дискриминацијата и сегрегацијата.
Јаневска истакна дека министерството работи активно на вклучување на Ромите во креирањето на образовните политики, особено преку мерките предвидени во Акциските планови за образование во рамките на Националната стратегија за Роми 2022–2030. Овие мерки се веќе институционализирани како јавни политики и претставуваат составен дел од законите кои го регулираат националниот образовен систем. На средбата беше посочено дека МОН постојано ги зголемува буџетските средства за поддршка на ромската заедница во образованието, преку програмите за стипендирање, туторство, ангажирање ромски образовни медијатори и афирмативни мерки за упис во средно и високо образование.
Особено се нагласи позитивниот тренд на зголемено учество на девојчињата Ромки во средното и високото образование, кои веќе надминуваат 60% од севкупниот број на стипендирани Роми студенти. Како заклучок од средбата беше истакната определбата на Министерството за образование и наука за одржлива поддршка на ромската заедница во образованието, преку транспарентни, инклузивни и законски засновани политики што обезбедуваат еднаков пристап до квалитетно образование за сите ученици.