Сведокот детално раскажа како Палевски прво го ликвидирал Панче Жежовски пукајќи му во слепоочницата, а пет подоцна, на 27.11.2023 г., откако ја киднапирале 14-годишната Вања, ладнокрвно со пиштол преку перниче ја убил и нејзе кај местото Оризови дупки во близина на Скопје. Во Кривичниот суд денес продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а сведочењето на Велибор Манев донесе шокантни детали за начинот на кој биле киднапирани и убиени. Сведочењето на Манев ги открива морничавите детали за убиствата и улогата на Палевски како организатор и извршител, кој според Манев, безмилосно ги елиминирал жртвите. Манев, кој е еден од обвинетите, објасни дека наредбите за киднапирањата ги давал Љупчо Палевски – Палчо и дека токму тој ги извршил убиствата. Тој детално раскажа како Палевски прво го ликвидирал Панче Жежовски пукајќи му во слепоочницата, а пет подоцна, на 27.11.2023 г. откако ја киднапирале 14-годишната Вања, ладнокрвно со пиштол преку перниче ја убил и нејзе кај местото Оризови дупки во близина на Скопје. Според Манев целта била грабнатите лица да се чуваат во дупка и потоа да се пуштат на слобода откако ќе се изврши наплата.
„Го изнесовме Панче од колата, го донесовме до капакот, вратата на земуницата. Беше легнат до самиот отвор, да да можам да го одврзам и ставам внатре. Кешишев со рено кангуто остана да чека на 300 метри оддалеченост, а Љупчо Палевски дојде со нас горе. Додека се наведнав да го одврзувам, Љупчо Палевски му испука куршум во слепоочницата. Срипав, останав без зборови. Истрчав од местото, застанав во една ситуација пред колабирање. Се тресев од тоа што го видов. Потоа го забележав како и Боре излегува молчешкум од таму. Палевски го моташе Панче во церада“, рече во драматичното сведоштво Манев, според објавата на СДК.мк. Кога го прашал Палчо зошто го убил, овој му одговорил дека „вака е почисто“ и да не се секира. Манев на тоа одговорил дека не може вака да продолжи по што Палчо го удрил со раката и му рекол ‘Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија’. Според објава на СДК, палевски спомнувал повеќе личности за киднапирање, меѓу кои и дирекорот на Гранит. За киднапирањето на Вања, Манев објаснува оти Палчо најпрво им кажал дека ќе киднапираат други лица, меѓу кои и директорот на Гранит, па потоа дека станува збор за 40-годишна жена. По повеќе обиди, на 27.11.2023 година во утринските часови ја киднапирале 14-годишната Вања, ја ставиле во гепекот на колата на претходно убиениот Панче, и ја однеле кај местото Оризови дупки.
„Откако ја извадивме од колата, ја откопчав вреќата, го извадивме селојтепот, видов дека не е жена, туку дете. До него бевме со Влатко, му рековме дека е грешка и да ја пуштиме. Под маски сме, не нè видела и да ја ослободиме. Палевски рече да прекинам, дека ништо не разбирам, дека сè било чисто, нема што да се бере гајле, дека првичната сума што ни ја понудил за грабнувањето, нема да може да ја земеме, дека ќе биде помала. Ние заќутивме. Се свртев да гледам према лозјето, не беше кроено оддамна. Да видам во која од собите, што ги имаше од бетон, да се внесе таму. Додека гледав, Палевски пријде до Вања со пиштол и со перниче во раката и испука куршум. Повторно бев надвор од себе. Палчо се врати до пикапот, и извади нова лопата и ашов, ги фрли према нас и нареди да ископаме дупка за да се закопа детето. Копавме во смрзнатата земја. Ја фати од едната страна, од кај главата, а јас и Влатко од другата страна и ја спуштивме во дупката. Палевски ја извлече вреќата и ја фрли во возилото на Панче Жежов. Нареди да закопуваме. Со солзи во очите, без да ме видат, почнав да закопувам и јас. Кога го завршивме тоа, ми нареди да тргнам по него со колата. Јас го возев возилото на Панче, а тој возеше напред“, пренесува Фокус. Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да бараат откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило за да го користат за грабнување на Вања во Скопје. Александар Ѓорчевски е таткото на Вања, за кој Манев денеска рече оти полицијата го тепала за да каже дека и тој бил вмешан, односно да каже дека видел како Палчо разговара со него.
Претходно, другиот обвинет Влатко Кешишов, пак, по писмен пат го извести судот дека ја менува својата изјава. Според него, Велибор Манев наводно им вршел притисок на другите обвинети да кажат дека Палчо е организатор и дека тој пукал во убиените. Кешишев во неговата изјава вели дека дента на 22 и 27 ноември кога биле убиени Панче и Вања, Палевски не бил со нив, туку спиел во штабот на партијата „Десна“. На местото на убиствата, според авторот на белешката, биле тој, Велибор Манев и Боре Видевски, но Кешишев не кажува кој пукал. Инаку, сите обвинети за убиството, на чело со Љупчо Палевски – Палчо се членови на крајно-десната про-руска политичка партија „Десна“, освен таткото на Вања. Убиството на Вања предизвика бура од дезинформации и ширење теории на заговор и во земјата и во регионот. Лажни профили на Фејсбук ширеа дезинформации на етничка основа, дека Вања е киднапирана и се наоѓа во џамија на Косово, потоа дека осомничените се пуштени на слобода и веќе се на Косово, дека Вања била жртва на трговија со органи, дека Вања се задушила во вреќата за спиење во која била завиткана, дека Палчо бил уапсен во Хрватска, итн. Еден ден по киднапирањето и убиството на Вања, во Скопје се одржуваше Самит на ОБСЕ, а присутен беше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. На социјалните мрежи тогаш се појавија дезинформации дека полицијата го криела убиството на Вања поради Самитот. Извор: Новинска агенција МЕТА