Генералното собрание на Обединетите нации денеска ја изгласа резолуцијата за Украина поддржана од Европската унија, во која силно се критикува агресијата на Русија и се бара итно повлекување на руската војска од соседната земја. Нацрт резолуцијата, подготвена од земји од Европската Унија и Киев, беше изгласана со 93 гласа „за“, 18 „против“ и 65 воздржани. Меѓу земјите кои гласаа против се Соединетите Американски Држави, Израел и Унгарија, а „за“ гласаа сите земји од Европа (дури и Србија), освен Белорусија и Македонија. Во резолуцијата подготвена од Киев се повикува на деескалација на конфликтот и се осудуваат руските воени акции во Украина. Руската државна новинска агенција ТАСС пишува дека „Генералното собрание на ОН ја изгласа антируската нацрт-резолуција за конфликтот во Украина“.
„Антируската резолуција традиционално ги занемарува основните причини за избивањето на конфликтот во Украина. Во документот само се осудува дејствувањето на Русија во Украина“, додава ТАСС.
Критичарите, вклучувајќи ги руските дипломати, сметаат дека резолуцијата не го зема предвид поширокиот геополитички контекст и ја занемарува историјата на тензиите кои доведоа до војната. ТАСС известува и дека рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, го коментираше предлогот на алтернативната американска „неутрална резолуција како чекор во вистинската насока“, истакнувајќи дека таквите предлози „ќе помогнат за намалување на ескалацијата и ќе придонесат на стабилизација на ситуацијата“. Резолуцијата предложена од САД, на која Македонија беше коспонзор, не беше прифатена во нејзината оригинална форма, во која Русија не беше означена како агресор во конфликтот.