Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е и кадар на Алтернатива изјави дека во рамки на коалицијата ВРЕДИ се максимално посветени таа да опстои. – Од тоа што веќе изјавиле лидерите, ние сме посветени максимално да ги задржиме сите партнери внатре во ВРЕДИ. Ние сме апсолутно отворени, процесот на соработката не го гледаме како статистичка операција или процент кој колку зема, но како надеж која треба да се артикулира за да продолжи промената и понатаму. Затоа нашите очекувања се големи како и подготвеноста за да продолжиме и понатаму заедно, вели Муртезани на новинарско прашање што очекува од лидерската средба на ВРЕДИ вечерва, на заедничката прес конференција со неговиот унгарски колега Јанош Бока.
Претседателите на четирите партии, кои се во состав на коалицијата ВРЕДИ вечерва ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за натамошното дејствување на коалицијата, изјави претходно денеска во Гостивар, лидерот на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари. Таравари по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека претседателите на Беса, Биљал Касами, на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, на Демократското движење, Изет Меџити и тој како прв човек на дел од АА се во континуирана комуникација во однос на натамошното политичко дејствување и изрази надеж дека ќе се изнајде најдоброто можно решение, кое ќе биде во интерес на сите. – Во ВРЕДИ продолжуваме со разговори. Вечерва имаме состанок, сите четири претседатели на партии, континуирано имаме комуникација, се надевам дека работните групи ќе продолжат да работат и дека ќе изнајдат најдобро можно решение, кое нема да биде фрустрирачко или демотивирачко за партиите, кои се дел од ВРЕДИ, истакна тој.
Во однос на изјавите на претседателот на движењето Беса и негов коалициски партнер Билал Касами, оти заминувањето на Таравари од ВЛЕН нема да има вистинска тежина и, како што додаде, „ако си замине од ВЛЕН, тогаш е нула, бидејќи нула беше кога дојде“, лидерот на дел од АА се повика на феномен од психологијата кога „устата побрзо зборува додека мозокот процесира“. „Во психологијата има еден феномен, кога устата зборува побрзо од мозокот, додека мозокот процесира. Се вика како феномен лапсус лингве и мислам дека господинот Билал немаше намера лошо да мисли, дека Алијанса за Албанците е нула, туку не ги стави зборовите баш како што треба во реченицата. Се надевам, мислам и сигурен сум дека нема лоши намери и не мисли така како што кажа, туку избрза со еден збор и кажа како што не треба“,рече Таравари. Односите меѓу Арбен Таравари и лидерите на другите партии што се дел од ВЛЕН, коалицијата која е дел од владејачкото мнозинство, се заострени во изминатиот период, а главна точка на конфликт е заедничкиот настап на претстојните локални избори и обединувањето на ВЛЕН во една партија.