Почитувани граѓани,
Пред да започнам со темата за оваа прес-конференција, дозволете ми накратко, но искрено и со голема почит, да изразам длабоко сочувство до семејствата и најблиските на загинатите во трагичниот настан во Кочани. Ова е прво мое јавно обраќање по 16 март и чувствувам должност да упатам поддршка и солидарност, со искрена желба за брзо и успешно заздравување на повредените.
Почитувани претставници на медиумите,
Темата на денешната прес-конференција е пристигнувањето на средствата од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од страна на Европската комисија, значајна вест за нашата земја. Траншата е во висина од 52,4 милиони евра, односно 7% од вкупната сума на финансиска помош за земјата, која што како што знаете, изнесува околу 750 милиони евра.
Оваа исплата е врз основа на барањето за претфинансирање, за кое во ноември мината година известивме дека, како национален координатор за Реформската агенда, го потпишав и го доставивме до ЕК. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги презеде сите неопходни чекори односно ги заврши правните процедури; т.е. Договорот за заем и Договорот за грант стапија на сила.
Втората важна вест поврзана со Реформската агенда е тоа што на 14 март 2025 година, до Европската комисија, во предвидениот рок го доставивме првото Барање за ослободување на средства во висина од 17,1 милиони евра за имплементација на конкретни реформски чекори. Во барањето ги надведовме реализираните активности до декември 2024 година (рок кој од Комисијата беше продолжен до февруари 2025 година), кои вклучуваат: усвојување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, донесување на подзаконски акти од Законот за буџети, операционализација на структурите за праведна транзиција и донесување на Планот за 2025 година, измени на Законот за трговски друштва во делот на критериумите за избор на членови на надзорни и управни одбори и во делот на правосудството пополнување на испразнетите места во судството и обвинителството .
Од овие средства, 7,96 милиони евра се наменети за директна буџетска поддршка (од компонентата заем), а дополнителни 9,15 милиони евра за инвестициски проекти преку Заедничкиот фонд на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Од овие пак 9,15 милиони евра – 4,24 милиони евра се во форма на заем, а 4,91 милиони евра во форма на неповратна поддршка. Овие средства ќе бидат достапни откако Комисијата ќе заврши со оценката за исполнувањето на реформите за што, согласно правилата, има рок од 90 работни дена.
Интензивно се работи и на реализација на чекорите за периодот до јуни годинава, за чии активности се предвидени околу 70,6 милиони евра. Овие чекори предвидуваат активности во важни области како што се подобрување на кибер-безбедноста, целосна транспозиција на европските директиви за енергетскиот пазар, усвојување на нов Закон за електронски комуникации, подобрување на управувањето со електронски документи и архивски материјали, како и зголемување на бројот на инспекции на пазарната и трудовата инспекција со фокус на градежништвото, туризмот и земјоделството, понатамошни реформи во правосудниот сектор итн.
Во Годишниот извештај за имплементацијата на Реформската агенда што го доставивме до Европската комисија дадовме јасен и детално разработен приказ за досегашните конкретни постигнувања, мерливи резултати и амбициозни планови за следниот период. Документот ја одразува сериозноста и темелноста со која Министерството за европски прашања и Владата на Република Северна Македонија пристапува кон исполнувањето на обврските, а посебно внимание е ставено на клучните области како економско управување, владеење на правото, дигитализација и зелена транзиција. Во него ги презентиравме чекорите што ги преземавме, јасните рокови во кои ги исполнивме задачите и прецизните планови за во иднина, со цел да покажеме дека реформите не се само формалност, туку суштински ангажман во подобрување на животниот стандард на сите граѓани. Извештајот ги истакнува и преземените мерки за транспарентност и отчетност, како и соработката со сите релевантни домашни и меѓународни чинители во процесот.
Сакам да потенцирам дека процесот на европска интеграција останува клучен стратешки приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Јас, заедно со стручниот тим во Министерството за европски прашања, одлучно настојуваме процесот на интеграција во Унијата да го реализираме со највисоко ниво на професионализам и посветеност. Од друга страна, Европската Унија, преку овој механизам кој обезбедува дополнителна финансиска помош, покрај веќе постојната, испраќа силна порака за доверба и партнерство во нашиот реформски капацитет, што дополнително нè охрабрува и ни дава сила за продолжување со нашата работа.
Видеото од прес-конференцијата: https://www.youtube.com/watch?v=bm2oBoHqKjI