Процесот на проширување да не се билатеризира вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој смета дека Европскиот парламент ќе ја продолжи традицијата на позитивни извештаи кон напредокот врз основ на мерит и критериуми и поддршката за што побрзо членство на Македонија во ЕУ. Тој нагласи дека во Луксумберг на состанокот на министрите за надворешни работи, имал средба со еврокомесарката Марта Кос и со нејзиниот тим и дека е во постојана комуникација на дневна основа.
„Информирани сме како течат процесите и работиме на повеќе иницијативи кои што се насочени на откочување на нашиот евроинтеграциски процес. Нашите позиции се јасно втемелени во она што е наше очекување – да се стави крај на билатеразицијата на европската интеграција. Тоа штети на целиот регион и остава простор утре и другите земји од регионот да се соочуваат со исти предизвици. Нашата е цел полноправно членство во ЕУ, заедно со сите други земји од регионот, рече Муцунски на заедничката прес-конференција со потпретседателот на Владата на Црна Гора и министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ.
Македонскиот шеф на дипломатијата сепак изрази загриженост поради немањето напредок во организирање средба со Бугарија. На прашањето што ќе се случи ако Македонија го пропушти евентуалниот рок за членство во ЕУ во 2030 година, Муцунски рече дека некое време се работи на организирање на заедничка средба, но без фит-бег од бугарска страна. Тој објасни дека иницирал повеќепати средба меѓу него, министерот за транспорт Александар Николоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска со нивните колеги од бугарска страна за иднината на Коридорот 8. „За жал, подолг период немаме позитивен одговор, но ќе продолжиме да работиме на остварување и на таа средба. Дијалог и комуникација постојано има. Доколку застане дијалогот од наша страна, тогаш ќе бидеме соучесници на закочување на европската интеграција на државата, кажа шефот на дипломатијата. „Што доколку утре се случат уставните измени и после шест месеци повторно сме во иста ситуација? Повторно ќе треба дијалог и преговори, но и повторно ќе биде закочен процесот на преговори, истакна Муцунски.