Современите безбедносни закани бараат координиран пристап, засилен ангажман на меѓународната заедница и уште потесна соработка меѓу земјите од Западен Балкан, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во своето обраќање на завршната Пленарна седница во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.
„Настанот беше силен потсетник за значењето на дипломатијата во воспоставувањето на траен мир и стабилност на Балканот. Во своето обраќање ја истакнав важноста од зачувување на стабилноста во регионот. Европската и евроатлантската интеграција останува клучна алатка за постигнување долгорочен мир, развој и заштита од надворешни влијанија.
Говорејќи за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, подвлеков дека одвраќањето не се постигнува со декларации, туку со инвестиции, решителност и кредибилни капацитети. Единството мора да биде функционално, не само декларативно. Нека Хаг биде самит на решителност – што ќе донесе капацитет, а не само соопштенија“ порача Муцунски.