Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Скопје оствари средба високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и претставници на Европската служба за надворешно дејствување во рамки на Дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија. Во воведното обраќање, министерот истакна дека по минатогодишното Партнерството за безбедност и одбрана, државата направи стратешки исчекор напред, воспоставувајќи сеопфатна рамка за структуриран дијалог и практична соработка во клучни безбедносни области-од справување со хибридни закани и сајбер-безбедност до унапредување на отпорноста, одбранбените капацитети и заедничкото учество во кризни мисии и операции.
Тој ја истакна важноста за безбедносната и одбранбената соработка поради геополитичката нестабилност, хибридните закани и сè покомплексните безбедносни предизвици кои бараат решителен одговор. Посочи дека како држава имаме 100-процентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. -Нашето учество во мисиите и операциите на ЕУ и Борбените групи на ЕУ претставува дополнителна потврда за нашата способност и подготвеност да дејствуваме како рамноправен партнер. Во таа насока, особено ја цениме поддршката добиена преку Европскиот мировен фонд, во досегашна вкупна вредност од 38 милиони евра. Оваа поддршка ни помага да ја забрзаме модернизацијата и оперативните способности на нашите армиски сили, а со тоа да ја подигнеме и подготвеноста за натамошно зголемување на учеството во мисиите и операциите на ЕУ- рече Муцунски.
Државата нема да биде пасивен набљудувач, туку како активен, сериозен и одговорен партнер во градењето на безбедносната иднина на Европа, порача министерот. -ЕУ треба да покаже решителност и одважност и да донесе храбри одлуки во насока на својата политика за проширување. Неактивноста на тој план може да овозможи други геополитички актери да се натпреваруваат за влијание во регионот, а тоа може да го поткопа кредибилитетот на Унијата и довербата во целиот процес. Само обединета и силна Европа може да се справи со безбедносните предизвици кои стојат пред нас- нагласи Муцунски.