Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцински вели дека е разочаран од дејствијата на Арбен Таравари, лидер на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од коалицијата „Вреди“, и смета дека тој на терен го помага функционирањето на опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ). Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да соработува со некој што соработува со, како што додаде, „ваква нереформирана ДУИ“.
„Да, навистина сум разочаран. За Арбен Таравари, како човек, како мој колега, имам позитивно мислење. Тој е некој со кој треба да соработуваме и да градиме иднина напред. Но, истовремено сум разочаран кога гледам како неговите дејствија единствено што прават на терен е да го потпомагаат функционирањето на ДУИ. Сметам дека тој и неговата кампања за претседател на државата ја градеше на тема поврзана со промени. Ние сме за промени. Ние на терен работиме за промени. Се надевам дека коалицијата „Вреди“ ќе успее да најде заеднички јазик. Но, со секој што соработува со вакво нереформирано ДУИ не сметам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да соработува“, рече Муцунски во гостување на „Сител“. Тој очекува дека на најавената средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и Арбен Таравари ќе се најде заедничко разбирање и ќе се најде гласот на разумот и сите ќе работат за декриминализирање на политичкиот систем, нешто што, според него, не може да се направи во соработка со актуелното раководство на ДУИ. Одговарајќи на новинарското прашање за тоа колкава е веројатноста во октомври покрај локалните избори да се случат и предвремени парламентарни избори, Муцунски рече дека не е време да се зборува за веројатности, но и оти ниту една опција не е исклучена. Сепак, тој додаде дека „треба да се донесе најмудрата одлука и за граѓаните и за економијата“.
„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија со силна структура, со мотивирано членство. И за еден месец да се случат парламентарни избори, немам никаков сомнеж во резултатот, пред се заради нашата мотивирана структура и членство. Но, и сметам дека секој граѓанин препознава колкав е напорот на граѓаните за решавање на проблемите“, вели министерот.