Министерот за надворешни работи и трговија на денешната прец-конференција соопшти дека од идната недела ќе почне враќањето во земјава на првите пациенти кои се лекуваат во странство и се во добра здравствена состојба за да се вратат. Тој рече дека денеска во Министерството ќе се одржи координативен состанок за следни чекори и мерки за соодветна организација за очекуваното враќање на сите оздравени пациенти или за продолжување на нивното лекување во земјава. -Најавите што ги имаме се дека во тек на следната недела ќе почнат да се враќаат првите пациенти, тие најави ги добиваме во директна комуникација каде што се сместени и кои ќе бидат во доволно добра здравствена состојба за да може да се враќаат назад, рече Муцунски на прес-конференцијата. Министерот информираше дека вкупно 116 пациенти со повреди од пожарот во дискотеката во Кочани се лекуваат во странски болници во 14 европски држави. Трошоците за нивното лекување се покриени од државите домаќини каде што се лекуваат, а патувањето и сместувањето на нивните најблиски и трошоци за целата логистика за нивниот престој во странство е покриено од Македонската влада.
Најголем број од повредените се испратени на лекување во болници во Србија 31, потоа 15 во Бугарија, по 12 во Турција и Грација, седум во Шпанија, по шест пациенти се на лекување во Австрија и Унгарија, пет во Хрватска, по четири пациенти во Белгија, Литванија, Италија, Шведска и Словенија и двајца пациенти во Полска. Чешка и Израел испратиле медицински тимови додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска, обезбедиле логистичка поддршка за транспорт на повредените. Муцунски најави дека утре ќе замине за Будимпешта во посета повредените што се во тамошните болници и информираше дека македонските дипломатско конзуларни претставништва се во 24 часовна комуникација со семејствата во земјите каде се згрижени нивните најблиски и дека им се покриени сите потребни трошоци. Посочи и дека дежурните телефони на Министерството и СОЗР остануваат отворени за сите прашања и потреби.