Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска истакна оти тој не може да каже дали ќе има средба со претставници на Бугарија на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, дека за тоа треба одговор да се бара од Софија, а она што, како што посочи, може да го каже е дека очекуваат повеќе средби и редовна комуникација со нашиот сосед. Муцунски денеска на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе има средба со бугарската страна во Хаг, посочи дека смета оти е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку и за се она што е од заемен интерес.
-Не можам јас тоа да го одговорам, тоа ќе треба како прашање да го поставите во Софија. Јас ќе можам да ви одговорам што ние правиме и што ние очекуваме. Ние сакаме средба и средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, кои што нас не засегаат во билатералните односи. И ние секогаш ќе наоѓаме начин за комуникација врз основа на принципи, вредности, политики насочени за просперитет на нашата држава со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија. Но истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции – рече Муцунски. Тој додаде дека тоа е она што му го пренел во телефонскиот разговор и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев.
-Сакаме соработка, сакаме да имаме комуникација, сакаме да имаме што повеќе средби. Средбата што ние ја имавме на почетокот на неговиот мандат во Минхен беше на наша иницијатива. Ги поддржуваме напорите, кои доаѓаат за одржување средби и во рамки на Самитот во Хаг и на сите други форуми и ќе даваме секогаш поддршка за се она што значи добри односи со сите наши соседи -рече Муцунски. Министерот додаде дека истовремено тоа не значи отворање на каков било простор за отстапка во однос на тоа што е наша утврдена државна позиција и ја повтори позицијата, која, како што, кажа постојано ја изнесува во јавноста.
-Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив, 20 години, не иритира создавањето на наратив на жртва, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на постојаната билатерализација на нашиот европски пат. Оваа Влада во својата прва година од мандатот успеа да обезбеди пристап до СЕПА, стана прва држава во регионот, која потпиша партнерство во делот на безбедноста и одбраната со ЕУ, прва обезбеди средства од Планот за раст од Реформската агенда – изјави тој. Министерот додаде дека за тоа се свесни сите во Европа, но свесни се и за спорот со Бугарија, за кој, како што кажа, треба да се најде начин за надминување.
-Треба да најдеме начин да се надмине таа препрека, за тоа нема дилема, ниту во Владата, ниту кај претседателката на државата, ниту кај кој било од нас, верувам, ниту кај кој било од вас. Не смееме да дозволиме на патот до членството да бидеме понижени, погазени, да дозволиме да продолжи оној тренд, кој за жал се воспоставуваше од нашите претходници, од откажување од нашиот национален идентитет, од отстапки во однос на нашиот јазик, од отстапки по однос на нашата историја, во однос на кое било наше идентитетско обележје, бидејќи што е една нација доколку нема свој идентитет. И тие се оние црвени линии, кои јасно и принципиелно ги воспоставуваме – потенцира министерот Муцунски.