Во рамките на Европската Унија гледаме обновен дух фокусиран на процесот на проширувањето, но она што треба да го видиме во пракса е затворање на јазот, што очигледно постои во овој момент помеѓу создадените очекувања и нивната реализација, изјави денеска во Варшава македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. – Она што можам да го кажам, претставувајќи ја мојата држава, е дека ќе бидеме посветени на реформите, ќе бидеме посветени на усогласување со законодавството на ЕУ, ќе бидеме посветени на Реформската агенда што е составен дел од Планот за раст, но на крајот на краиштата, очекуваме Брисел, како и земјите членки, да го исполнат многу јасното ветување што беше дадено кон Западниот Балкан пред многу, многу години, изјави Муцунски при пристигнувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки и на државите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата што се одржува во Варшава.
Според него, во актуелниот геополитички момент за земјите кандидати за членство во ЕУ е значајно да работат заедно со државите членки во создавање кохерентни и стратешки перспективи за предизвиците со кои се соочуваат.
– Мислам дека е исклучително важно да напоменам дека јас претставувам земја кандидат која е 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика и сметам дека одлуките што ги носиме се заеднички, како што се заеднички и предизвиците со кои се соочуваме, истакна Муцунски. Тој изрази задоволство од организирањето на денешниот состанок во овој формат и изрази надеж дека практиката на ваков вид средби ќе продолжи и во иднина. На средбата, што се одржи во форма на работен ручек во рамки на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), предвидено е министрите да разговараат за предизвиците на европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност на хибридните закани.